Почнува 60. МТФ Војдан Чернодрински во Прилеп

Од:

Шеесетото јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, ќе започне вечерва во 19 часот со изложба 60 години „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. Станува збор за хибридна изложба на артефакти од долгогодишната традиција на фестивалот. Во неа ќе се следи приказната за фестивалот визуализирана со конкретни сведоштва за луѓето и настаните што ги обележале овие години фестивалски живот. Изложбата е поддржана од „Витаминка“ – Прилеп во рамки на заедничката прослава „70-60-50“ (70 години „Витаминка“, 60 години МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и 50 години заедничка соработка). Патеката ќе започне од Театарот „Војдан Чернодрински“, ќе продолжи кон Музејот на икони, Градскиот саат, Реклами, и ќе заврши во Центарот за култура „Марко Цепенков“.

-Сакаме да им оддадеме почит на тој начин што ќе ги споменеме заедно со сите фотографии, постери, документи, предмети кои ќе го осведочат времето што поминало, но и ќе направат одличен простор за времето што ќе дојде. Изложбата има и перформативен дел – студентите од ФДУ под менторство на режисерката Шенај Мандак играат перформанс на драмите од Дејан Дуковски. Патот на фестивалот е симболична патека на која преку нарација и аудиовизуелен контакт ќе може да ја следиме историјата на фестивалот и да ја видиме секоја значајна меморабилија – вели Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.

Свеченоста ќе продолжи во големата сала на Центарот, во 20 часот. Честа прв да настапи ќе ја има ансамблот на Драмскиот театар, со претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, од официјалната програма на фестивалот. На претставата ќе и претходни проекција на документарен филм посветен на фестивалот. На присутните ќе им се обрати претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која е покровител на фестивалот, а за отворен ќе го прогласи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Ќе се обрати Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот. Пред изведбата на претставата, ќе бидат врачени наградите на лауреатите на наградите за животно дело на Атила Клинче, Сашо Миленковски, Веби Ќерими и Љубомир Чадиковски.

Вкупно 13 претстави ќе бидат изведена на јубилејното издание кое ќе трае до 12 јуни – девет во официјална и четири во придружна програма. Фестивалот годинава се одржува под мотото „Храбриот нов театар“ и тематот „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“. На затворањето ќе настапи Београдско народно позориште, со претставата „Црно злато“ Оливер Фрлјиќ, по текст на Дејан Дуковски, Авторот во фокус на фестивалот годинава.

Претстави во официјалната селекција се:
„Амадеус“ од Петер Шефер во режија на Андреј Цветановски, продукција на Турски театар – Скопје.
„Едмонд“ од Дејвид Мамет, во режија на Оливер Мицевски, продукција на Народен театар – Битола
„Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Народен театар – Куманово
„Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Драмски театар – Скопје.
„Носорози“ од Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев, продукција на Албански театар – Скопје
„Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар – Штип
„Страв и надеж“ по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје
„Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп
„Челинџ“, автор и режија Јане Спасиќ, Театар за деца и младинци – Скопје

Во придружна програма се избрани претставите (подредени по азбучен ред на насловот на претставата):

„Вилицата на Ибен Бајерс“ од Филип Грујиќ во режија на Борис Василевски, продукција на „Штрих“ – Скопје
„Драга Јелена Сергеевна“ од Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак, копродукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје и Македонскиот народен театар – Скопје

„Невиност“ од Деа Лоер, дипломска претстава на класата по актерска игра, под менторство на проф. м-р Зоја Бузалковска и вонр. проф. м-р Александар Степанулески
„Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, театар „Златен елец“

За наградите на фестивалот ќе одлучува жирито во состав: Снежана Конески-Руси, актерка, режисерка, Дарко Лукиќ, театролог, независен театарски научник и автор од Хрватска и Аида Буквиќ, наградувана театарска и филмска режисерка од Хрватска.
В недела, од 18 часот ќе се одржи настан посветен на Дејан Дуковски. Ќе биде отворена изложба со постери од претстави создадени според негови драмски текстови, ќе бидат промовирани две нови книги со драми на Дуковски, го издание на „Арс Ламина“. За нив ќе зборуваат Оливера Ќорвезироска, приредувач на книгата и Ана Стојаноска, автор на предговорот. Ќе следува и разговор со Дуковски. И годинава ќе биде организиран Музеј во движење со фокус на творештвото на актерите Благој Ивчески, Лидија Иваноска и Трајче Иваноски.

Фестивалот и годинава ќе им даде простор за креација на децата во омилената за нив Детската зона, студентите на ФДУ ќе учествуваат во улични театарски перформанси, ќе бидат организирани промоции.

Би можело да ве интересира

„Мачкина глава“ ќе го отвори, „Црно злато“ ќе го затвори јубилејниот 60. МТФ „Војдан Чернодрински“

Дејан Дуковски – Автор во фокус на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп идната година

Катерина Ѓуровски

Доделени наградите на 59. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

А1он

Во Прилеп свечено отворен 59. МТФ „Војдан Чернодрински“

Предраг Петровиќ

МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи од 6 до 13 јуни во Прилеп

А1он