Постапувајќи по кривична пријава поднесена од Управата за финансиска полиција, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица – директор и помошник директор на Царинската управа, управител на правен субјект и вработен во истиот субјект.
На осомничените им се ставаат на товар кривичните дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, Примање награда за противзаконито влијание и Давање награда за противзаконито влијание.
Постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари.
Според обезбедените докази, првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, додека второосомничениот, во својство на помошник директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката.
Во рамките на истрагата се обезбедени докази и за примање и давање награда за противзаконито влијание, при што првоосомничениот примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на својата службена положба и реално влијание.
Со цел непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени.
