Според медиумските извештаи, српски државјанин рано утрово и се предаде на полицијата откако се забарикадираше во куќа во Дортмунд со своите деца, објавува „Билд“.
Полицијата соопшти дека 51-годишниот осомничен доброволно ја напушти зградата околу 3.30 часот, по што без давање отпор беше уапсен, пренесе „Шпигел“.
Трите деца кои биле во станот не се повредени.
Полицаецот кој бил погоден во инцидентот се здоби со полесни повреди, благодарение на панцирот што го носел.
Инцидентот почнал синоќа кога сопругата на осомничениот повикала полиција и побарала помош.
По пристигнувањето на полицајците во станбено-деловна зграда во населбата Хехстен во Дортмунд, маж, според полицијата, пукал во полицаец, а потоа се забарикадирал во неговиот стан со своите деца.
„Билд“ објави дека осомничениот претходно предизвикал инцидент во ресторан во Дортмунд, каде наводно им се заканувал на гостите и употребил бибер спреј, по што побегнал со автомобил.
Според истиот извор, при обидот на полицијата да го спречи, тој испукал еден истрел низ прозорецот на возилото и го удрил полицаецот.
Полицијата се уште не ги потврдила овие наводи.
