Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вели дека цените на основните прехранбени производи се стабилни и дека засега нема потреба од мерки. Доколку кризата продолжи и има енормно зголемување, ќе бидат воведени мерки со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните.
– Од 55 најпродавани производи, растот е минимален и изнесува само 0,43 проценти така што цените се стабилни. Ако забележиме девијантно однесување како што сме постапиле порано, така ќе постапиме и сега. Значи, за 0,43 проценти се зголемени цените што покажува дека имаме стабилни цени, рече Дурмиши одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата на која беше презентиран Оперативниот план за вработување за 2026 година.
Вели дека ако кризата продолжи и има енормно зголемување на цените, тогаш ќе се воведат мерки, а една од опциите е намалување на ДДВ-то.
Во однос на инфлацијата, Дуршими вели дека имаме пониска инфлација од други држави и дека мерките што се преземени досега, даваат резултати. До крајот на неделава очекува Државниот завод за статистика да излезе со нови информации околу инфлацијата.
