Крилото на Алијансата за Албанците предводено од Зијадин Села на својот Петти конгрес донесе одлука за промена на името на партијата во „Албанска лига“, најавувајќи нова политичка фаза и засилен ангажман на терен.
Обраќајќи се пред делегатите, Села порача дека партијата влегува во период на реорганизација и проширување на партиската мрежа преку формирање нови подограноци и поинтензивна комуникација со граѓаните. Тој нагласи дека политичкиот субјект што го предводи нема да остане пасивен пред предизвиците поврзани со правата и интересите на Албанците во државата.
Според него, следува период на засилено политичко делување, при што беа повторени и партиските ставови за актуелните политички процеси во земјата. Во своето излагање, Села не ја исклучи ниту можноста за идна соработка со владејачките структури доколку се создадат соодветни политички услови.
На конгресот се обрати и потпретседателката Илире Даути, која истакна дека партијата во изминатите години била посветена на надминување на пречките со кои се соочуваат Албанците во државата. Таа оцени дека истата мисија ќе продолжи и во иднина под водство на Села.
Со ребрендирањето во „Албанска лига“, партијата најавува нов политички пристап и обид за дополнително позиционирање на политичката сцена во пресрет на идните политички предизвици.
