Кристијан Шмит призна дека притисокот од Соединетите Американски Држави придонел за неговата одлука предвреме да ја напушти функцијата висок претставник, пренесува германската новинска агенција dpa.
Тој е висок претставник од август 2021 година, а претходно овој месец ја објави својата оставка, тврдејќи дека тоа е лична одлука.
Сепак, на прашањето на германскиот дневен весник „Аугсбургер Алгемајне“ дали американскиот претседател Доналд Трамп вршел притисок врз него да ја напушти функцијата, Шмит призна дека Вашингтон одиграл улога во неговата одлука.
Иако рече дека не знае каков е личниот став на Трамп по ова прашање, тој потврди дека имало притисоци.
„Можам само да кажам дека имаше огромен и невиден притисок од САД“, рече Шмит.
Во интервјуто објавено денес, тој изјави дека сакал да спречи институцијата Висок претставник да биде поткопана од оваа дискусија, чија позадина не му е сосема јасна.
Притисокот врз Шмит да поднесе оставка може да се поврзе и со фактот дека поранешниот претседател на Република Српска Милорад Додик (СНСД) ги поддржуваше гасните електрани и проектите за гасоводи поддржани од бизнисмени блиски до Трамп, вклучувајќи го и гасоводот Јужна интерконекција од Хрватска до Босна и Херцеговина.
„Тоа прашање одигра улога, но јас никогаш не бев против проектот“, рече Шмит.
Тој нагласи дека изградбата на Јужната интерконекција ја иницираше Европската Унија со цел да се намали зависноста на Босна и Херцеговина од руската нафта и гас.
Шмит е особено изненаден од фактот што ЕУ не успеа да ја реализира изградбата на тој гасовод со европски средства, поради што Босна и Херцеговина сега се потпира на американска поддршка, додека, како што изјави, Американците делумно дејствуваат со свои идеи, пренесува ДПА.
