Во Собранието нов портрет и изложба на фотографии за поранешниот претседател Борис Трајковски

Од:

Во Собранието денеска беше промовиран нов портрет на поранешниот претседател Борис Трајковски, а во холот пред пленарната сала е отворена изложба со негови фотографии. Трајковски е државник чиј лик и дело оставија длабока трага во современата македонска историја. Портретот го откри претседателот на Собранието Африм Гаши, а на свеченоста присуствуваа членови на семејството на Трајковски, негови пријатели и соработници, пратеници и бројни гости.

Претседателот на Собранието Гаши истакна дека ова не е само омаж на еден претседател, туку и кон вредностите што ги застапуваше Борис Трајковски – мирот, толеранцијата, дијалогот, човечноста.

Портетот на Трајковски го наслика авторката Валбона Атанасовска, која кажа дека и е преголема чест што ја добила оваа можност. Таа и претходно имала насликано друг потрет за еден од претседателите на Собранието.

-Доста долго се подготвував да го направам овој портрет. Јас лично не го знам, не живеев во Македонија, живеев во Берлин додека тој го вршеше неговото политичко дејство во Македонија, но за среќа постои форумот „Борис Трајковски“ којшто едноставно ми ги отвори вратите и ми го покажа целиот тој материјал што тие еве тука денеска го изложуваат во просториите на Собранието и така јас го запознав подетално Борис Трајковски. Преку фотографиите, преку настаните одлучив да го насликам тој портрет кој што веќе долго време стоеше како фотографија во просториите во Собранието бидејќи луѓето се најмногу за неа емотивно поврзани. Таа фотографија ја претворив после во масло на платно, рече Атанасовска.

Сликата е работена еден месец, но пред тоа таа изработила и скици и цртежи и така се запознала со неговите црти.

Во чест на Борис Трајковски беше отворена и изложбата „Животот и делото на Борис Трајковски низ фотографии“, која преку одбрани архивски фотографии го доловува неговиот животен пат, политичката дејност и трајното наследство што го остави зад себе. Изложбата ќе биде отворена до крајот на јуни, а веќе денеска група ученици имаа можност да ја погледаат по отворањето.

– Во ова фоаје се наоѓаат деведесет фотографии, кои ни се позајмени од фондацијата „Борис Трајковски“. Во соработка со нив ја организиравме оваа изложба. Во оваа изложба хронолошки ги подредивме сликите. Започнавме и со неговото семејство, неговите почетоци, неговите родители, неговата сопруга и неговите деца. Семејството е двигател во животот, рече Соља Ѓеоргиевска, советник за заштита и за зачувување на културно – историските вредости во Собранието.

Останатите фотографии се од неговата инаугурација, кога станува претседател, од државничките посети,…

Од Собранието посочуваат дека овој чин претставува симболична, но искрена почит кон вредностите што Борис Трајковски ги живееше и ги застапуваше – меѓусебно разбирање, демократско општество и европска визија.

Би можело да ве интересира

Сиљановска-Давкова: Визијата на Борис Трајковски останува наша обврска

Јанков: Трајковски беше човек со длабока христијанска вера, со изразена лична скромност и човечност

Дваесет и две години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски

Почна традиционалниот планинарски марш во чест на Борис Трајковски

Отворен конкурсот за стипендиите „Борис Трајковски“ за Пан-европската МБА програма

Дваесет и една година од загинувањето на претседателот Борис Трајковски