Девојка сведочеше за трагедијата во „Пулс“: Настана паника по извикот „се запали“

Од:

Со читање сведоштва на две девојки продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“. Една од нив, која ја преживеала трагедијата, вели дека објектот редовно работел без контрола на лични документи и без обележани противпожарни излези. Според неа, критичната вечер влегле без проверка, а дискотеката немала јасни патеки за евакуација.

Девојката навела дека за време на настапот на групата ДНК биле користени пиротехнички ефекти, какви што, според неа, групата употребувала и на други настапи. Пожарот го забележала откога друг присутен викнал дека „се запалило“ по што настанала паника и турканица кон единствениот излез што го знаела.

Во својот пишан исказ, што беше прочитан, таа посочува дека на скалите и кај главната врата се создавал метеж, дека била извлечена од други присутни лица и потоа пренесена во болница поради повреди и вдишан чад.

Претходно беше прочитана изјавата на другата девојка, која била вработена во кафетеријата на сопственикот на „Пулс“, која вечерта на трагедијата била присутна во дискотеката со нејзиниот дечко. Тој не успеал да се спаси, а загинале и нејзини блиски другарки и дугари.

Пред почетокот на читањето на изјавите на девојките, одбраната бараше да не се изнесат тие докази со образложение дека девојките, како што наведоа, имале душевно растројство за што покажало и вештачењето.

Обвинителството, пак, оцени дека нема пречки исказите да се применат нагласувајќи ја потребата од заштита на жртвите и избегнување дополнителна виктимизација.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Би можело да ве интересира

Случајот против 13 полицајци од Кочани продолжува: Одбиено е барањето за изземање на судијка поротничка

Докази на Обвинителството за „Пулс“: Пиротехниката била на мала одалеченост од плафонот, жешки капки од сунѓерот на јакната на Андреј

Судењето за пожарот во „Пулс“ продолжува со изведување материјални докази од Обвинителството

Катерина Ѓуровски

Судење за „Пулс“: Прочитани искази на сведоци кои не се достапни

Судење за „Пулс“: Одбраната на Дејан Јованов бара исклучување на јавноста и реакција на судот за упатени закани кон него

Катерина Ѓуровски

Со исказ на вештак од Судска медицина продолжува судењето за пожарот во „Пулс“

Катерина Ѓуровски