Земјотрес со јачина од 4,1 степен според Рихтеровата скала ноќеска е регистриран во регионот на Бездан, во северозападниот дел на Србија.
Според Републичкиот сеизмолошки завод, епицентарот бил лоциран меѓу Бездан и Бачки Моноштор, на околу 190 километри северно од Белград, во близина на тромеѓето меѓу Србија, Унгарија и Хрватска. Потресот се случил во 2:35 часот по локално време.
Теоретскиот интензитет во епицентарот бил проценет на шест степени според Меркалиевата скала, што значи дека се можни помали оштетувања на објектите во погоденото подрачје, информираат од Заводот.
Земјотресот бил почувствуван во поширокиот регион на северозападна Србија, вклучително и во Бездан, Апатин и Сомбор, како и во пограничните делови на Хрватска и Унгарија. Граѓаните го опишуваат како краткотраен потрес проследен со тресење, а дел од нив пријавиле и чувство на „тап удар“.
Според Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ), епицентарот бил на 14 километри западно од Сомбор, на длабочина од 10,5 километри.
Неколку минути подоцна, во 2:44 часот, бил регистриран и послаб последователен земјотрес со јачина од 2,5 степени според Рихтеровата скала.
