По медиумскиот интерес за став од Уставниот суд, во однос на најавениот протест пред Судот денеска (28.04.2026) информираме дека во конкретниот предмет е поведена постапка врз основа на изразен сомнеж за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и на член 76-љ од Законот за културата.
Станува збор за втора фаза во која ќе се оценува уставност и законитост, конечна одлука за оспорените акти се уште не е донесена.
Со особено внимание се следат реакциите во јавноста и загриженоста што ја изразуваат претставниците на културната заедница. Уставниот суд го почитува и го штити правото на јавно изразување и протест како темелна демократска вредност.
Поради ова, Судот апелира до јавноста, внимателно и објективно да ги следи информациите поврзани со овој предмет, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓа постапката. Точното информирање е особено важно за да не се создава впечаток дека Судот веќе донел одлука или дека предметот се однесува на вреднување на работата, значењето или примањата на уметниците и културните работници.
Судот постапува исклучиво во рамки на своите уставно утврдени надлежности и одлучува по уставно-правни прашања, односно ја оценува усогласеноста на прописите со Уставот. Во таа смисла, предмет на разгледување не е работата, значењето или придонесот на уметниците и културните работници, ниту пак нивниот статус или примања.
Важно е да се направи јасна разлика: уставно-судската контрола се однесува на актот, а не на културните работници. Почитта кон нивната улога во општеството е неспорна.
