Денеска во Блед, Претседателката на Комисијата за хартии од вредност, м-р Бујаре Абази заедно со регулаторите на пазарите на капитал од Унгарија, Полска, Романија, Словачка, Хрватска, Словенија и од Бугарија, потпиша Меморандум за соработка на пазарите на капитал.

Комисијата за хартии на Република Северна Македонија е единствен регулатор на земја која не е членка на ЕУ а се приклучи кон оваа регулаторна иницијатива заедно со седум земји-членки на ЕУ. Со ова се остварува целта за зајакнување на соработката меѓу регулаторните тела, преку размена на искуства, усогласување на регулаторните практики и координација на активности насочени кон поголема ефикасност, транспарентност и конкурентност на пазарите на капитал.
Комисијата со земјите потписнички ќе ја унапредуваат соработката преку заеднички иницијативи во функција на развој на интегрирани, ликвидни и отпорни пазари на капитал во регионот.

Со овој чекор, како што беше истакнато регулаторите испраќаат јасна порака дека заедничката соработка и координација значат повеќе мегусебна доверба, консултација и пропорционалност, можности за инвеститорите, поатрактивни пазари и нивно зајакнување преку иновации и инвестиции, како и идентификување на празнини во регулативата на овие пазари.
Потпишувањето на овој Меморандум претставува надградба на регионалната иницијатива започната кон крајот на 2024 година, кога од страна на берзите од Братислава, Букурешт, Будимпешта, Љубљана, Скопје, Софија, Варшава и Загреб потпишаа Меморандум за разбирање за зајакнување на соработката и интеграцијата на пазарите на капитал во Централна и Југоисточна Европа, со поддршка на Европската банка за обнова и развој. Во август 2025 година, министрите за финансии на земјите учеснички, преку Меморандум дополнително ја зацврстија регионалната соработка и на највисоко ниво го поддржаа процесот на интеграција и развој на пазарите на капитал.
Во рамки на настанот, Претседателката на КХВ, м-р Бујаре Абази, и Комисионерот м-р Васко Пејков учествуваа на регулаторниот панел на тема „Иницијативи и активности за развој на пазарите на капитал во јурисдикциите на потписниците, со цел зголемување на учеството на малите инвеститори“, каде разменија искуства и најдобри практики со колегите од регионот.
