Белорусија е подготвена за „голем договор“ со САД, но тој мора да биде така подготвен да ги одразува интересите на двете земји, изјави претседателот Александар Лукашенко.
Во интервју за руските медиуми Лукашенко рече дека знае дека Западот би сакал да го собори од власт и дека тој не е нивниот „омилен син“, но дека сепак тој преговара со САД затоа што тоа е во економски интерес на Белорусија.
Минск и Вашингтон годинава одржаа неколку рунди преговори во кои разговараа за тоа што американскиот претседател Доналд Трамп го нарекува „голем договор“ насочен кон нормализирање на односите меѓу двете земји.
Фокусот е ставен на ослободување на затвореници, укинување на санкциите и други економски прашања.
Во март, Лукашенко помилува 123 лица осудени за „шпионажа, терористички и екстремистички активности“ како дел од тој процес.
„Тие со задоволство би ме изџвакале и би ме исплукале. Го разбирам тоа многу добро, но дури и во таква ситуација, не затоа што сум Лукашенко, туку затоа што сум претседател на оваа земја и на белорускиот народ, сум принуден да дејствувам во согласност со интересите на народот, а не со моите лични интереси“, рече тој.
Тој додаде дека води дијалог со Американците, но не против Русија или Кина.
Лукашенко посочи дека Трамп би можел да го искористи Минск за воспоставување односи со Русија.
Тој истакна дека Вашингтон во моментов има поволна можност да постигне договор со Москва, особено за време на владеењето на Владимир Путин.
„Но, мора јасно да разберете: ако ветувате, мора да го исполните“, рече тој.
Тој ги нарече САД диктатура „подготвена да бомбардира, крши и уништува без оглед на човековите права, со цел да ги ограби другите земји од нивните природни ресурси“.
„Ако ви е грижа за човековите права, тогаш дозволете им на луѓето да го остварат своето основно право – правото на живот“, рече белорускиот лидер.
Тој изјави дека Вашингтон ги следи своите главни интереси – „контрола врз нафтата и гасот, со сите потребни средства“.
