НАТО е подготвен да игра улога во евентуална мисија во Ормутскиот теснец, доколку е во можност, изјави денес генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Ако НАТО може да помогне, тогаш очигледно нема причина да не помогне“, рече Руте за време на говорот во Вашингтон, пренесува Ројтерс.
Тој рече дека земјите-членки прават сè што побара американскиот претседател Доналд Трамп за да го зајакнат воениот сојуз, иако некои првично беа „малку бавни“ во обезбедувањето поддршка за време на конфликтот на САД со Иран.
„Кога дојде време да се обезбеди логистичката и друга поддршка што САД ја побараа во однос на Иран, некои сојузници беа, благо речено, малку бавни. Вистината е дека и тие беа донекаде изненадени. За да го одржи елементот на изненадување за првичните напади, претседателот Трамп одлучи да не ги информира сојузниците однапред“, рече Руте за време на говорот во Вашингтон.
