Живко Митрески, кој ја извршуваше функцијата претседател на Сојузот на синдикати на Македонија до 2017 година, денеска на прес-конференција соопшти дека Граѓанскиот суд во Скопје донел пресуда со која се потврдува дека бил незаконски сменет и дека сите одлуки што од тогаш до денес се донесени од страна на ССМ, се ништовни.
Во пресудата стои дека за ништовна се смета одлуката за избор на претседател на ССМ од 6.12.2017 година донесена на вонредниот конгрес на ССМ одржан на 6.12.2017 година и дека ништовни се и сите дејствија и донесени акти превземени од сега починатиот Дарко Димовски.
– Кога вие ќе утврдите нишоавност на неговата промена, се враќаме во поранешната состојба. Претседателот доаѓа на својата функција и врши ревизија на сето што е понатаму направено, а тоа по став 2 јасно го кажува судот, велејќи дека се утврдува ништовност и на сите дејствија и донесени акти после 2017.
Значи кога нешто се носи како ништавност, е од моментот на неговото донесување – 2017 година. Се после него по начелото на акцисорност отпаѓа. Нормално после тоа синдикатот работи, носел одлуки. Затоа ќе се повика Државната ревизија, ќе направат длабинска стручна ревизија, да се утврдат недоследности, а сите донесени одлуки од нелегитимно избраните раководства, ќе подлежат на верификација на легално избраниот синдикат, појасни адвокатот Сашко Станинов на прес-конференцијата.
Митрески вели дека следен негов чекор ќе биде да се врати во синдикатот и да изврши консолидација. За актуелниот претседател на ССМ Слободан Трендафилов вели дека има тотално непознавање и не знае да води синдикална организација.
– Жалам што во тој момент не направивме приправнички испит да видиме колку знае бидејќи покажа тотално непознавање за водење на една ваква историска организација, рече Митрески.
Митрески посочува дека пресудата не се однесува на лично на Дарко Димовски, туку на функцијата.
Митрески беше претседател на ССМ до 2017 година кога го наследи Дарко Димовски, а по неговата смрт, за нов претседател на ССМ беше избран Слободан Трендафилов кој сега ја извршува функцијата претседател на ССМ.
