Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денес оцени дека „потенцијално многу опасната“ ситуација е обид за диверзија на српскиот дел од гасоводот Турски тек и рече дека Русија презема потребни мерки за да ја обезбеди таа инфраструктура и дека се надева дека Унгарија и Србија ќе го сторат истото.
Песков на редовниот брифинг рече дека „нема сигурни докази за тоа кој стои зад обидот за напад врз српскиот дел од Турскиот тек, но може да се претпостават траги од вмешаност на режимот во Киев“, објави агенцијата ТАСС.
„Ситуацијата е потенцијално многу опасна, знаеме дека различни делови од инфраструктурата и на „Турски тек“ и на „Син тек“ неколку пати биле цел на напади од страна на режимот во Киев“, рече Песков.
Песков рече дека Русија презема потребни мерки за да ја обезбеди безбедноста на инфраструктурата на Турски тек и Синиот тек и изрази надеж дека Будимпешта и Белград исто така ќе преземат „неопходни мерки“ насочени кон „минимизирање на заканите за гасоводите“ на европска територија.
„Москва се надева дека Унгарија и Србија исто така (како и Русија) ќе преземат мерки за да се обидат да ја минимизираат заканата за овие цевководи“, рече Песков.
Зборувајќи за претпоставките дека режимот во Киев би можел да стои зад тие обиди за саботажа, тој истакна дека претходно имал директни врски со такви активности.
„Пред ова, како што знаеме, режимот во Киев имал директни врски со вакви акти на саботажа против критична енергетска структура, па затоа може да се претпостави со висок степен на веројатност дека и овој пат ќе бидат откриени траги од вмешаност на режимот во Киев“, рече Песков.
