Науката, а не перцепциите, треба да ја води дебатата за рударството и минералните ресурси во Македонија, оценува Виктор Грозданов во најновата колумна, во која се осврнува на значењето на бакарот, златото и арсенот во современите технологии.
Тој нагласува дека бакарот е клучен ресурс за енергетската транзиција. „Бакарот е еден од најклучните метали во борбата против глобалното затоплување… без бакар нема можности за зелена транзиција“, пишува Грозданов, посочувајќи дека овој метал е неопходен за соларни панели, ветерни турбини и електрични возила.
Во колумната се осврнува и на арсенот, за кој, според него, постои погрешна перцепција во јавноста. „Создаден е мит дека е само смртоносен отров, а всушност се користи во високо ефикасни соларни панели, вселенска технологија и напредни електронски уреди“, наведува тој.
Грозданов прави паралела меѓу европските политики и домашните стратегии за развој на рударството, посочувајќи дека Европската Унија има јасен пристап за намалување на зависноста од трети земји. Во тој контекст, ја споменува и националната стратегија за геолошки истражувања до 2045 година, изработена од академик Блажо Боев.
Според него, клучот за напредок е во образованието и стручноста. „Науката не манипулира, таа образува“, нагласува Грозданов, додавајќи дека одлуките мора да се носат врз основа на знаење и експертиза.
Тој отвора и прашања за економските аспекти на искористување на ресурсите, особено зошто минералите како бакар и злато се извезуваат без додадена вредност. „Зошто нашето злато и бакар мора да се изнесува надвор… и не се враќа во Македонија?“ прашува Грозданов.
Во колумната се истакнува и улогата на државата, која, според него, треба да обезбеди баланс меѓу инвеститорите и националниот интерес, како и да вложува во научни и образовни капацитети.
