Криста Пајк ќе стане првата жена погубена во државата Тенеси по повеќе од 200 години. Пајк, која е единствената жена осудена на смрт во таа американска држава, треба да биде погубена на 30 септември 2026 година, по повеќе од 30 години по злосторството за кое беше осудена, убиството на 19-годишната Колин Слемер, пишува „Унилад“.
Според записите од судењето, мотивот за убиството бил љубомора. Пајк верувала дека Колин Слемер се обидува да го киднапира момчето на Тадарил Шип, па таа и уште две лица ја намамиле Слемер на едно затскриено место и таму ја убиле.
Пајк поднесе тужба во јануари оваа година, тврдејќи дека методот на смртоносна инјекција за погубување би ги прекршил нејзините уставни и религиозни права. Државата Тенеси одговори на 19 март, велејќи дека Пајк, која сега има 50 години, не обезбедила доволно докази за да ги поткрепи своите тврдења.
Во тужбата се наведува дека Пајк нема да може да комуницира со својот будистички духовен советник пред погубувањето, што е спротивно на нејзините „искрено верски убедувања“.
Оспорувањето на методот на погубување бара од неа да избере друг метод, но таа тврди дека тоа би ги прекршило и нејзините религиозни убедувања бидејќи не смее „да учествува во никаков процес што води до нејзина сопствена смрт“.
Во декември 2024 година, Тенеси го промени протоколот за егзекуција. Наместо комбинација од три лекови, сега се користи само еден, пентобарбитал.
Адвокатите на Криста Пајк тврдат дека овој метод ги крши и нејзините уставни права поради нејзините „уникатни медицински состојби“.
Адвокатите рекоа дека методот е „оптоварен со истите проблеми што ги мачат неуспешните егзекуции со децении: тајност, намерни пропусти, невнимание кон деталите и необучен и нелиценциран затворски персонал кој се обидува да преземе медицинска улога“.
Пајк имала 18 години во времето на злосторството случено во 1995 година.
