Валери Перин (82), американска актерка номинирана за Оскар за нејзината улога во биографскиот филм „Лени“ и позната на пошироката публика како госпоѓица Тешмахер во филмот „Супермен“, почина денес во Беверли Хилс, пишува Variety.
Актерката со години се бореше со Паркинсонова болест, а веста за нејзината смрт ја објави нејзината пријателка Стејси Саутер на Фејсбук.
„Со длабока тага објавувам дека Валери нè напушти. Таа се справи со Паркинсоновата болест со неверојатна храброст и достоинство. Светот е помалку убав без неа“, напиша Саутер, со линк до кампања GoFundMe за покривање на трошоците за погреб.

Перин сакаше да биде погребана на гробиштата Форест Лоун, а по долга борба со болеста, беше финансиски исцрпена.
Валери Перин е родена во Галвестон, Тексас. Пред актерската кариера, работеше како танчерка во Лас Вегас, а влезе во филмскиот свет во 1972 година, дебитирајќи во адаптацијата на романот на Курт Вонегут „Кланица пет“.
Вистинскиот пробив беше улогата на Хани Брус во филмот „Лени“ (1974) со Дастин Хофман, за кој беше номинирана за Оскар.
Најголема популарност доби со улогата на Ева Тешмахер, асистентка и девојка на негативецот Лекс Лутор, во филмовите „Супермен“ (1978) и „Супермен II“. Во една значајна сцена, таа спасува Супермен од сигурна смрт предизвикана од криптонит.
Перин е позната и по контроверзните изведби: таа беше првата актерка што намерно се појави гола на американската телевизија во 1973 година во шоуто „Steambath“. Се појави и на насловните страници на Playboy во 1972 и 1981 година.
По нејзиниот успех со „Lenny“ и „Superman“, таа глумеше во серија филмови, вклучувајќи ги „W.C. Fields and Me“ (1976), „The Electric Horseman“ (1979) и „Can’t Stop the Music“ (1980).
Во текот на 1980-тите и 1990-тите, таа изведуваше телевизиски улоги, а нејзината последна изведба беше во филмот „Silver Skies“ во 2014 година.
