Кошаркарите на Мајами Хит се првите финалисти во источната конференција, откако во шестиот натпревар од серијата со Индијана Пејсерс забележаа победа од 105:93.
Мајами по првите три средби од финалната серија имаше негатива од 2-1, но потоа забележа три победи во серија, од кои две на теренот на Индијана и втора година по ред се пласира во конференциското Финале.
Исто како и на претходните две средби Мајами до победата го предводеа двете најголеми звезди Двејн Вејд и Леброн Џејмс, кои заедно искомбинираа 69 од 105-те поени на тимот.
Вејд имаше дабл-дабл, 41 поен и 10 скока, додека Џејмс уфрли 28 поени, на кои додаде шест скока и седум асистенции. Двоцифрен број на поени кај Мајами имаа уште Марио Чалмерс (15) и Мајк Милер (12).
Домашниот тим во поразот го предводеа Дејвид Вест со 24, Џорџ Хил со 18 и Дени Гренџер со 15 поени.
„Одигравме извонредно. Го подигнавме нивото на нашата игра и заслужено се пласиравме во финалето“, рече Вејд кој во последните три средби имаше учинок од 99 поени, 22 скока и 11 асистенции.
„Мајами целиот натпревар го одигра на високо ниво. Не знам дали некој може да ги победи“, изјави тренерот на Индијана, Френк Вогел.
Противник на Мајами во финалето ќе му биде подобриот од пресметката помеѓу Бостон и Филаделфија, резултатот во оваа серија е 3-3, а решавачкиот седми меч ќе се одигра утре во Бостон.