Синдикатите и организациите на работодавачи и Владата мора слободно да склучуваат колективни договори и резултатите потоа мора да се почитуваат. Постигнати договори за зголемување на платата со претходната влада треба да се почитуваат и исполнуваат. Време е да престанеме да зборуваме само за минимална плата, туку да зборуваме за плата која овозможува достоинствен живот, истакна генералниот секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC) Лук Триангл по состанокот со претседателите на синдикатите, што се одржа денеска во Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
На прес-конференција заедно со претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и извршниот секретар на Паневропски регионален комитет, Антон Лепики, тој рече дека ако една третина од работниците во Македонија заработуваат плата која е под линијата на сиромаштија тоа е неприфатливо и Владата и општеството мора да преземат активност, бидејќи, според него, неприфатливо е работник кој работи со полно работно време да не може да плати сметки, поради тоа што платата му е под прагот на сиромаштија.
Според Триангл, има уназадување во вистинскиот, суштинскиот социјален дијалог во земјата и препораките на меѓународната организација на трудот од 2023 година не се доволно спроведени.
-Законите на хартија се добри, но проблемите настануваат при нивното спроведување во практика. Мора да има и суд кој ќе принуди работодавачите и владата да ги спроведуваат законите. Кога зборуваме за демократија се поставува прашањето што е она што една демократија што ја прави вистинска демократија. Имаме загриженост во однос на ситуацијата во Северна Македонија, посочи Триангл и појасни дека според истражување кое го прават, во државава има сериозни прекршување на работничките и синдикалните права и дека тоа се случува континуирано.
Потенцира дека во државава има прекршување на еден од основните стандарди на меѓународната организација на трудот, а со тоа и на ОН, односно на конвенцијата 87 на меѓународната организација на трудот за заштита на слободата на здружување и на конвенцијата 98 за колективно договарање. Додаде дека најмногу го загрижуваат негативните кампањи против поедини синдикални лидери.
Трендафилов рече дека на состанокот во ССМ разговарале за нападите врз синдикатите, оневозможувањето со колективен договор да се утврдуваат платите на македонските работниците како и ниската минимална плата. ССМ, посочи тој, повеќе од 10 години се залага за зголемување на минималната плата, како и за зголемување на платите на работниците.
– За жал Владата која одбива да го стори тоа денеска се служи со напади врз раководството, врз претседателите на синдикатите и врз ССМ како единствен глас на работниците во борбата за зголемување на работничките плати. ССМ веќе ги информираше сите меѓународни организаци и затоа денеска тука е првиот човек на светското синдикално движење. Како ССМ покажавме дека без оглед на притисоците цврсто стоиме на ставот дека платите на македонските работници задолжително мора да се зголемат, а првото зголемување мора да се случи со зголемувањето на минималната плата кое ќе направи притисок на зголемување на сите останати плати, додаде Трендафилов.
