Пробиштип денеска им оддава почит на 63 жртви во пожарот во кочански „Пулс“. Во пожарот згаснаа животите на четири граѓани на Пробиштип. Општина Пробиштип и градоначалникот на општина Пробиштип, Тони Тоневски утринава на социјалните мрежи напишаа: „Понекогаш времето не ги лекува раните, туку само не учи како да живееме со празнината“.
– Овој 16-ти март носи тежина која не се опишува со зборови. Помина една година од трагедијата која го згасна светлото во многу домови и остави длабока лузна во срцето на нашиот Пробиштип. Денес, на градскиот плоштад, со свеќа во рака, со наведнати глави и срца полни со тага, им оддаваме почит на нашите млади сограѓани – нашите ангели кои прерано заминаа во вечноста. Тие беа нашата гордост, нашите насмевки и нашата иднина. Иако физички не се меѓу нас, нивните ликови остануваат врежани во секоја улица, во секое училишно ѕвонче и во секое наше сеќавање – вели Тоневски.
Пробиштип денеска се сеќава на прерано згаснатите животи на четворица свои сограѓани.
– Денес се сеќаваме на нашите прерано згаснати животи: – Никола Насевски (2007 – 2025) – село Добрево, чиј пат беше прекинат кога неговите соништа само што почнуваа да цветаат, Матеј Марковски (2007 – 2025) – младост која згасна прерано, оставајќи зад себе тишина што боли, Тоше Тодоровски (1988 – 2025) – нашиот храбар полицаец од ПС Пробиштип, кој ја извршуваше својата должност до последен здив, оставајќи пример за чест и пожртвуваност и Александар Глигоровски (1996 – 2025) – кој со денови храбро се бореше, но на 7 април им се придружи на останатите ангели – стои во објавата од Општината и на градоначалникот Тоневски.
Во неа се вели дека Општина Пробиштип искрено сочувствува со семејствата.
– Вашата болка е и наша. Вашата загуба е ненадоместлива за целиот град. Нека оваа годишнина биде потсетник дека животот е кревок, но дека љубовта и споменот на оние што сме ги сакале никогаш не умираат. Вечна им слава. Почивајте во мир, момци. Пробиштип никогаш нема да ве заборави – напишаа од Општина Пробиштип.
