Илјадници Палестинци од Западниот Брег ги преминаа израелските контролни пунктови во Ерусалим за да присуствуваат на рамазанските молитви во комплексот на џамијата Ал-Акса.
Израел соопшти дека ќе го ограничи бројот на палестински верници од Западниот Брег кои присуствуваат на неделните молитви на 10.000, објави „Тајмс оф Израел“.
Како и минатата година, само мажи над 55 години, жени над 50 години и деца под 12 години во придружба на роднина од прв степен ќе имаат право да присуствуваат на молитвите во Ал-Акса. Ограничувањата важат само за Палестинците од Западниот Брег.
– На вториот петок од месецот Рамазан, Израелските одбранбени сили продолжуваат да вложуваат максимални напори за да обезбедат безбедно поминување на верниците низ премините. Овозможувајќи им да стигнат до џамијата Ал-Акса во Ерусалим и безбедно и мирно да ги извршуваат своите молитви, со целосно распоредување на безбедносните сили и континуирана координација во согласност со проценките на ситуацијата на терен, изјави портпаролката на Израелските одбранбени сили, потполковник Ела Вавеја.
