Димитриеска-Кочоска: Половина од уплатените средства за солидарниот данок ќе ги вратиме во март

Од:

Компаниите што во 2023 година уплатиле средства во буџетот по основ на Законот за данокот на солидарност во март оваа година ќе добијат половина од уплатените средства. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во одговор на пратеничко прашање на денешната седница во Собранието поставено од пратеникот Љупчо Пренџов.

Министерката Димитриеска-Кочоска пред пратениците потврди дека половина од уплатените три милијарди денари ќе бидат вратени следниот месец, а втората рата во март 2027 година, предлог прифатен од најголем дел од компаниите.

– Како што најавивме, половина од уплатените три милијарди денари ќе бидат вратени во март. Процесот за да се организира целата постапка беше тежок, но Министерството за финансии беше транспарентно и во постојана комуникација со приватниот сектор. Требаше да се воспостави комуникација со сите компании, па најпрво одлучивме да воспоставиме комуникација со стопанските комори, каде разговаравме за нашите размислувања и предлози, а потоа да донесеме заеднички пристап. Во август 2025 година, Владата нè задолжи како Министерство за финансии да испратиме официјални дописи до сите 156 компании, со барање да се произнесат за моделот на враќање на средствата. Нашиот предлог беше враќањето да се реализира на две рати, првата во март 2026 година и втората во март 2027 година, предлог којшто најголемиот дел од компаниите го прифатија. Месец март е избран затоа што во тој период се поднесуваат завршните сметки и се плаќа данокот на добивка, а со оглед на тоа што данокот на солидарност по својата природа е сличен, целта беше да се совпадне периодот со можност компаниите да извршат пребивање на обврските, посочи министерката Димитриеска – Кочоска.

Пред пратениците во македонското Собрание, министерката потсети дека Законот за данок на солидарност беше донесен во 2023 година и дека на 5 февруари 2025 година Уставниот суд го поништи, со што се создаде ситуација во која преку неуставен закон се собрале средства, средствата се потрошени, а денес оваа Влада ги враќа.

– Факт е дека беа собрани три милијарди денари од приватниот сектор со Закон за којшто се знаеше дека ќе падне. Факт е дека тие средства беа потрошени, оставајќи сериозни обврски што денес оваа Влада ги сервисира. Очигледно беше дека предлагачите знаеле дека изборите во 2024 година ќе ги изгубат и дека некој друг ќе треба да се грижи за враќањето на средствата“, рече министерката и потенцира дека оваа Влада во ниту еден момент не донесе ад-хок одлука, одлука недоговорена со приватниот сектор, ниту пак донесе мерка што дополнително ќе ги оптовари компаниите или граѓаните.

Во своето обраќање пред пратениците, министерката за финансии нагласи дека Буџетот е во одлична кондиција затоа што, како што рече, „ние одлично го менаџираме“.

Би можело да ве интересира

Не се размислува за укинување на „Мој ДДВ“, вели министерката за финансии

Катерина Ѓуровски

Димитриеска Кочоска: Успешната аукција за 10-тата Евробврзница јасен сигнал за довербата на меѓународните инвеститори

Димитриеска Кочоска: Повеќе правичност и стабилност за економијата преку е-фактура

Горан Наумовски

Димитриеска-Кочоска: Еврообврзницата ќе се издаде во првиот квартал од 2026 година во два дела со различна рочност

Кочоска: Владата предводена од претседателот Мицкоски навистина успеа за три последователни квартали да обезбеди стапка на раст од 3%

Министерството за финасии дало дозвола за вработувања во тетовската болница