Почнува Велигденскиот пост

Од:

За православните верници од денеска започнува Велигденскиот пост што ќе трае шест недели до празникот Воскресение Христово – Велигден, кој годинава се прославува на 12 април. Со почетокот на првата седмица по празникот Прочка, православните верници влегуваат во најдолгиот и најстрогиот пост во годината – Велигденскиот пост, период на духовна подготовка за Воскресението Христово.

Постот трае седум недели, односно 48 дена, но во црковната традиција се нарекува Четириесетница. Причината е што првите 40 дена претставуваат посебен духовен циклус, по кој следува Страстната седмица – последните денови пред Велигден, посветени на споменот на Христовите страдања, распнувањето и погребението.

Смислата на постот не се сведува само на воздржување од одредени видови храна. Тој претставува повик кон внатрешно преиспитување, молитва, покајание и учество во светата Евхаристија. Според христијанското учење, постот е пат кон духовно очистување и подготовка за најголемиот празник во годината.

Историски гледано, овој период имал двојна улога – верниците да се подготват за Велигден, а огласените, односно оние што требало да се крстат, да бидат поучувани во верата и подготвени за примање на светата тајна Крштение.

Во однос на правилата за исхрана, вообичаено се пости на вода, додека во сабота и недела се дозволени масло и вино. Исклучоци постојат и на одредени празници, кога е дозволена риба, како и на Велики Четврток. На Лазарева сабота се дозволува икра. Првите три дена, познати како тримери, некои верници ги поминуваат со пост без храна, но тоа не е задолжително правило.

Велигденскиот пост подразбира воздржување од месо, млечни производи и јајца, а во одредени денови и од масло и вино. Сепак, Црквата дозволува олеснување на постот за болни, деца, постари лица, бремени жени, доилки и лица во специфични околности, со благослов од свештеник.

Духовната димензија, сепак, е најважна. Постот подразбира воздржување од лоши мисли, осудување, гнев и завист, како и посветеност на добри дела, љубов и милосрдие. Верниците се повикуваат на почесто присуство на богослужби, читање на Светото писмо и внатрешна духовна будност.

Целта не е само телесна дисциплина, туку преобразба на срцето и умот. Велигденскиот пост претставува можност за духовно обновување, за да се дочека празникот на Воскресението со чиста совест и зацврстена вера.

Би можело да ве интересира

Гаши: Велигден не потсетува дека меѓусебното почитување, солидарноста и добрината се суштински за напредокот на секое општество

Филипче: Велигден дава сила и надеж за справување со предизвиците, за нови и подобри почетоци

Мицкоски: Нека светлината на Воскресението биде водилка во нашите заеднички напори за изградба на праведно и хумано општество

Честитка од Сиљановска-Давкова по повод Велигден

Предраг Петровиќ

Велигденска Вокресна литургија во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје

Предраг Петровиќ

Г.г. Стефан: Ништо друго не може да ни даде сила и утеха освен надежта во воскресението