Внукот на легендарниот Марко Матераци одбра да игра за Србија

Од:

Џанфилипо Матераци, талентиран крилен играч од младинската школа на Лацио во Рим, доби покана од главниот тренер на кадетската репрезентација на Србија, Игор Матиќ, за пријателски натпревар против Словенија. Зад тој повик стои приказна за семејството, идентитетот и силната врска со земјата која отсекогаш имала посебно место во нивниот дом.

Неговата мајка Маура, родена во Белград, изјави за официјалната веб-страница на Фудбалскиот сојуз на Србија за емоциите, семејството и сонот што се претвори во реалност.

„Сите бевме многу среќни. Родена сум во Белград, мајка ми е од Србија, татко ми е Италијанец. Многу сме приврзани за Србија, без оглед на тоа што земјата на моето раѓање се викаше Југославија. Ја носам Србија во срцето. Постариот син Џеремија зборува српски, помладиот го разбира, но не го зборува добро. Сигурна сум дека брзо ќе го совлада јазикот. За жал, бабата повеќе не е жива, а таа им зборуваше претежно на српски“ вели Маура.

Контактот со Фудбалскиот сојуз на Србија дојде преку поранешен српски репрезентативец.

„Нè контактираше Никола Лазетиќ, кој голем дел од својата кариера го помина во Италија. Нè праша дали Џанфилипо би бил среќен да игра за Србија. Бев толку возбудена. Одговорив без да помислам дека тоа ќе биде исполнување на сон за нашиот син и нашето семејство. Знаевме дека луѓето од италијанската федерација го следат во последно време, но Србија беше побрза“ рече таа.

„Да бидам искрена, тоа беше најголемиот сон на неговата прабаба. Се викаше Бисерка Никчевиќ. Таа не е со нас три години и можам да замислам колку би била среќна да го види својот правнук во дресот на Србија. Би полудела од среќа и гордост“ вели Маура Матераци.

Вели дека Србија отсекогаш била присутна во нивниот дом.

„Додека баба беше жива, често доаѓавме во Белград. Момчињата го обожаваа нејзиниот шарм. За нас, Србија е како Италија. Ние живееме тука, но постојано сме во контакт со пријатели од Србија. Јас лично имам многу пријатели во Белград. Неодамна го продадовме нашиот стан, но верувам дека поради новите околности, повторно ќе почнеме да доаѓаме почесто“ вели мајката на младиот фудбалер.

Во семејството Матераци, фудбалот е повеќе од игра.

„Ние сме фудбалско семејство. Дедото на Џузепе играл професионално за Бари и Лече, а како тренер долго време работел во Лацио. Тоа беше клучната причина Џанфилипо да го избере Лацио како средина во која ќе ги направи своите први чекори. Чичко Марко е легенда на европскиот фудбал, освојувач на „триплета“ со Интер, стрелец на гол во финалето на Светското првенство и светски шампион со италијанската репрезентација“ открива Маура.

Мајката на идниот српски репрезнтативец вли дека врската со римскиот клуб (Лацио) има и посебна димензија.

„Навивам за Лацио, меѓу другото, поради моето пријателство со Синиша Михајловиќ. Не знам дали е судбина, но на денот на неговиот роденден ја завршивме документацијата со Фудбалскиот сојуз на Србија. Синиша беше одличен човек и врвен стручњак. Многу го почитуваме неговото семејство. Имаме добри односи и со Дејан Станковиќ, на кого од срце му честитаме за победата против Лил“ – порача Маура.

Инаку, Џанфилипо е изразен десничар, но во Лацио најчесто игра на левата страна како крилен напаѓач.

Би можело да ве интересира

Лацио плати 13 милиони евра за српски напаѓач со бугарски корени, а тренерот не ни слушнал за него

А1он

Вељко Пауновиќ ќе биде новиот селектор на српската фудбалска репрезентација

А1он

Рома го победи Лацио

ФИФА ја казни Србија за расизам

А1он

Фудбалерите на Лацио го победија Емполи во Серија А