Гатузо има четири строги правила за своите играчи – кој не ги почитува, аут!

Од:

Џенаро Гатузо бележи одлични резултати со својот Лацио оваа сезона. Тимот моментално е втор на табелата во италијанската Серија А, со ист број бодови како и водечкиот Интер.

Гатузо пристигна минатата сезона, откако претходно неуспешно ја водеше италијанската репрезентација, со која не успеа да се пласира на Светското првенство.

„Газета дело Спорт“ денес пишува за методите и правилата на Гатузо кои го прават тимот подобар. Станува збор за неколку принципи околу кои Рино не прави никакви компромиси.

„На почетокот од мојата тренерска кариера, се лутев поради многу работи што ги гледав кај играчите, а кои ми изгледаа апсурдни. Потоа сфатив дека, всушност, јас сум тој што греши. Денешната генерација фудбалери е сосема поинаква од претходните. Сфатив дека треба да им дозволам да бидат она што се, а потоа да барам – и да добијам – максимална соработка околу два или три клучни принципи. Откако го променив пристапот, работите целосно се сменија. На подобро“, објасни Гатузо.

Пеколните горештини во Формело, кон средината на јули, тешко можат да се сметаат за идеални услови за создавање тим преку воведување строги правила. Сепак, Гатузо успеа во тоа, разговарајќи отворено и директно со своите играчи.

Најпрво, им кажа дека сака во тимот само играчи кои искрено веруваат во неговиот проект, а оние кои не се убедени, ги покани да си побараат друг клуб. Потоа им стави до знаење дека ќе им дозволи работи кои тој, додека беше играч, би ги сметал за грев – како на пример користење мобилен телефон за време на физиотерапија.

За возврат, сепак, бара целосно почитување на неколку јасно дефинирани правила.

Првото правило е точноста. Никој никогаш не смее да доцни на тренинг. Исклучоци не се дозволени, дури ни кога ќе тргне нешто наопаку.

„Тоа ми се случи мене пред неколку недели“, откри тренерот.

„Портата на влезот од мојот двор заглави. Ја прескокнав и сепак успеав навреме да стигнам во Формело“ рече тој.

Второто правило е професионалноста. Тренинзите се свети и на нив мора да се присуствува во соодветна ментална и физичка состојба.

„Може да се случи една вечер да останете доцна надвор и да претерате. Но, за тоа мора да известите однапред. Подобро е да пропуштите тренинг, отколку да го уништите со несоодветно однесување“, додаде Гатузо.

Третото правило е лојалноста. Ова се однесува на односот со тренерот, но пред сè, на односите во соблекувалната.

„Работите мора да се кажуваат в лице. Соочувањата се корисни, а проблемите мора да се решаваат веднаш, меѓу нас. Јас отсекогаш сум бил таков, и како играч и како тренер“ вели тренерот на Лацио.

Четвртото и последно правило се однесува на важноста на грижата за себе, односно сè она што фудбалерите го прават надвор од теренот за да ја одржат својата физичка подготвеност.

„Закрепнувањето е исто толку важно колку и самиот тренинг. Ако претерате, подоцна ќе ја платите цената“ вели тој.

Правилата на Гатузо му донесоа на Лацио делба на првото место на табелата. Но, за тренерот – токму поради неговата фудбалска филозофија – сето тоа не е доволно. Следниот чекор е да се обиде „чудото“ на Лацио да стане долготрајно.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Гатузо го избрка најскапиот фудбалер на Лацио од тренинг

Предраг Петровиќ

Гатузо: Дресот на „Аѕурите“ е најскапоценото нешто во италијанскиот фудбал

А1он

Гатузо го напушта кормилото на „Аѕурите“

А1он

Гатузо: Тешко е да се носи дресот на Италија

А1он

Внукот на легендарниот Марко Матераци одбра да игра за Србија

А1он

Лацио плати 13 милиони евра за српски напаѓач со бугарски корени, а тренерот не ни слушнал за него

А1он