Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ

Од:

Без мајчиниот јазик, не можеме да бидеме ни луѓе, тој е како матична клетка на идентитетот и на културата. Овој ден е посветен на љубовта, негата, грижата и на почитта на сите мајчини јазици кај нас и во светот зашто на мајчин јазик најлесно и најдобро се изразуваат радоста и тагата, чувствата и мислите – истакна претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 Февруари денеска во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Како што рече, мајчиниот е јазикот на кој мајката прва го поздравила и му се израдувала на нашето раѓање, со зборот нè лекувала и бодрела, нè воспитувала. Рече дека не им е лесно на речиси 7.000 јазици на мали народи во светот затоа што се под притисок поради јазичната нерамноправност.

– Се соочуваме со јазични конфликти, имало и има јазична доминација, дури и јазичен империјализам. И затоа, кога исчезнува некој јазик, мора да знаеме дека згаснува нечиј живот, и тоа живот на цела нација, живот на многу луѓе, живот на многу мајки. И затоа треба битката за малите јазици да биде сериозна битка и затоа УНЕСКО тука има голем придонес. Јас се тревожам кога читам: ќе се почитува националниот и културниот идентитет и – се заборава. Не може така. Тоа е суштината. Нема поприродно нешто за мене од тоа да го сакаме, да го негуваме, да го чуваме мајчиниот јазик, но и да го почитуваме сечиј мајчин јазик како да е наш. Бидејќи токму таа енормна љубов нè обврзува истото да го мислиме и за другите. Почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност. Секој мајчин јазик што се говори кај нас е вреден дел од заедничкиот културен мозаик зашто почитувањето и негувањето на сите заедници ќе ги зајакне културата на дијалогот и толеранцијата, ќе влее доверба и ќе создаде општество во кое различноста нема да ја доживуваме како нематената сила, туку како сила што обединува, а не разделува – истакна Сиљановска-Давкова во обраќањето.

Додаде дека во овие непредвидливи времиња, кога големите сили се престојуваат, секогаш на удар се малите народи и малите јазици и дека одбраната е во рацете на говорителите на македонскиот јазик, но еднакво и во рацете на институциите, професорите, учителите, лингвистите, медиумите…

– Мора постојано да си се потсетуваме дека јазикот е темелот на идентитетот, јазикот е чувар на колективната меморија и јазикот е единствениот мост што нè води напред во иднината. Во него се запишани искуствата на сите минати генерации, во него се вградени стремежите на оние што ќе дојдат по нас. Овој ден не е само повод за одбележување, туку и потсетник за одговорноста што ја имаме кон јазикот како кон непроценливо културно наследство и богатство и како кон моќно миротворно оружје. Да си го развиваме, да си го унапредуваме мајчиниот јазик во образованието, науката, културата, во дигиталниот простор и да создаваме услови тој да продолжи да се развива во чекор со современиот свет. Внимателно и одговорно да го користиме во јавниот простор – во медиумите, во секојдневниот живот, и да сториме сè за научно проучување и вложување во него. Не се само институциите што треба да се грижат, туку секој поединец со секој изговорен збор и напишана мисла – порача Сиљановска-Давкова.

Би можело да ве интересира

Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи

А1он

Муцунски и Сиљановска-Давкова во Дубаи се сретнаа со Македонци што живеат и работат во ОАЕ

А1он

Амбасадорката Агелер на проштална средба кај претседателката Сиљановска Давкова

А1он

Сиљановска Давкова: Предложените членки на Судскиот совет ги избрав според нивната стручност, компетентност, но и професионален и личен кредибилитет

Сиљановска-Давкова: Божик е повик да погледнеме кон себе – jас не видов денеска намуртен човек, сите се насмеани

А1он

Филипче: Сиљановска ја избра најкорупмпираната власт која ја носи Македонија во изолација