Секторот за внатрешни работи – Велес потврдува дека во последните денови три лица од Велескиот регион биле цел на измами. Во два случаи, повозрасни неготинки биле убедувани дека нивните роднини доживеале несреќа и за итна операција е потребно да предадат 20.000 евра. Во третиот случај, 28-годишна кавадарчанка била измамена со сума од 180.000 денари при обид за заеднички бизнис, кој не бил реализиран.
Во првиот случај, 72-годишна неготинка пријавила дека непознато лице ѝ се јавило на телефон, претставувајќи се како директор на болницата во Велес, и ѝ кажало дека нејзината внука има скршеница и итно треба операција. Во позадина се слушал плач на жена која ѝ била претставена како снаа. По проверка во болницата, таа сфатила дека станува збор за измама. Сличен случај се случил и со 77-годишна неготинка.
Во Кавадарци, 28-годишна жена предала пари на друго лице од градот за започнување на заеднички бизнис, но договорот не бил реализиран.
Полицијата апелира до граѓаните да бидат внимателни, да не носат одлуки под притисок и секој сомнителен повик да го пријават во најблиската полициска станица. Секторот за внатрешни работи – Велес истакнува дека измамниците често располагаат со лични информации за жртвите, што ги прави телефонските измами особено убедливи и стресни.
Полициските службеници веќе спроведоа превентивни активности со цел едукација на граѓаните за препознавање на измами и избегнување на жртвување на финансиски средства.
