Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска соопшти дека утре ќе има блокада на Стопанската комора, на Организацијата на работодавачите и на Бизнис-конфедерацијата. Блокадата ќе почне во 12 часот на крстосницата пред Стопанската комора.
– Да не се грижат. Повторно ќе бидеме 21 претставник на Синдикатот, онолку колку што е потребно во согласност со законскиот минимум за да излеземе на улица и да блокираме. Пред Стопанската комора ќе блокираме газди што ги блокираат работниците 36 години. Газди што одбија до крајот на минатата година да ги зголемат работничките плати и да ја зголемат минималната плата, а кукаат дека квалификуваните работници заминуваат од Македонија и дека не може да ги задржат. Ќе блокираме газди што се исплашија од нападите на Владата и од политичките партии – рече Трендафилов. Додаде дека ќе блокираат сè додека не се донесе одлука за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и за зголемување на сите други за 6.000 денари.
Трендафилов ги повика работниците кои утре ќе може да им се придружат барем и на пет минути затоа што, како што рече, другите ги бројат.
– По завршување на блокадите, ќе повикаме на голем работнички протест, на кој ќе организираме превоз од сите градови и ќе им дадеме шанса на сите работници. Протест што ќе биде организиран во неработен ден за да излеземе многу повеќе од 21 човек на улица пред да го организираме генералниот штрајк во јавниот и во приватниот сектор доколку и понатаму продолжат со игнорантскиот однос – изјави Трендафилов. Посочи дека има плата од 57.000 денари и нема да се откаже сè додека не се постигне зголемување на работничките плати.
