ВИДЕО: Врските на Епстин со Силиконската долина, бројни фигури од американската технолошка индустрија

Од:

Најновата објава на милиони документи од американското Министерство за правда поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин фрла ново светло врз неговите контакти со влијателни личности, меѓу кои и бројни фигури од американската технолошка индустрија.

Додека во изминатите недели во фокусот на јавноста беа Илон Маск и коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс – кои негираа каква било поврзаност со злосторствата на Епстин – новите документи покажуваат дека неговата мрежа на контакти во Силиконската долина била многу поширока, објави CNBC.

Меѓу имињата што повеќепати се појавуваат во документите се коосновачот на „Гугл“ Сергеј Брин, инвеститорот Питер Тил, поранешниот директор на „Мајкрософт“ Стивен Синофски и коосновачот на „Линкдин“ Рид Хофман. Документите вклучуваат електронска пошта, распореди и фотографии што даваат подетален увид во нивните контакти со Епстин.

Брин и Синофски не ги коментирале наводите, додека Тил и Хофман изјавиле дека нивните средби со Епстин биле од легитимна природа. Американските власти нагласуваат дека самото спомнување на нечие име во документите не претставува доказ за кривично дело.

Питер Тил

Новите списи откриваат кореспонденција меѓу Питер Тил, коосновач на „Пејпал“ и „Палантир“, и Епстинн од периодот меѓу 2014 и 2019 година, односно неколку месеци пред апсењето на Епстинн. Комуникацијата продолжила и долго по првите обвиненија против Епштајн во 2006 година.

Електронската пошта покажува планирање состаноци, разговори за политички теми и неформална размена на пораки. Според документи од ноември 2025 година, Епстин го поканил Тил на посета на Карибите, но негов портпарол изјавил дека инвеститорот никогаш не го посетил приватниот остров на Епстин.

Во подкаст од август 2024 година, Тил потврдил дека неколкупати се сретнал со Епстин по запознавањето преку Рид Хофман, наведувајќи дека разговарале за даночни и финансиски прашања.

Рид Хофман

Во документите често се спомнува и Рид Хофман, коосновач на „Линкдин“. Комуникацијата меѓу двајцата вклучува пријателска размена на пораки, разговори за донации за MIT Media Lab, како и лични интеракции и планирање состаноци.

Документите потврдуваат дека Хофман во 2014 година го посетил приватниот остров на Епстин, што и самиот претходно го признал, наведувајќи дека посетата била од филантропска природа и дека жали што не го проверил подетално минатото на Епстин.

Во една електронска порака од 2015 година се спомнува вечера во Пало Алто организирана од Хофман, на која присуствувале Марк Закерберг, Илон Маск и Питер Тил. Од „Мета“ за CNBC изјавиле дека Закерберг по таа вечера немал понатамошна комуникација со Епстин.

Сергеј Брин

Документите содржат и повеќе референци за Сергеј Брин. Во синџир електронски пораки од 2003 година, Брин комуницира со Гислејн Максвел за можна вечера во резиденцијата на Епстин во Њујорк. Според судски документи, Епштајн во 2004 година наводно го препорачал Брин како клиент на банката JPMorgan Chase.

Во 2023 година, Брин добил судски налог за доставување документи поврзани со работењето на Епстин со банката. Во други судски поднесоци се наведува дека една од тужителките на Епстин тврди дека го сретнала Брин на неговиот остров.

Стивен Синофски и Бил Гејтс

Новите списи откриваат и детали за односот меѓу Епстин и поранешниот директор на „Мајкрософт“, Стивен Синофски, кој од Епстин барал совет за условите на своето заминување од компанијата во 2012 година. Двајцата комуницирале за финансиски и деловни теми до 2018 година.

Во меѓувреме, под зголемено внимание е и односот на Бил Гејтс со Епстин, по објавувањето на нацрт-пораки во кои Епстин сугерира дека му помагал на Гејтс во договарање вонбрачни афери. Во интервју за австралискиот 9News, Гејтс ги отфрли овие тврдења како „апсолутно апсурдни и целосно невистинити“, нагласувајќи дека средбите со Епстин биле поврзани исклучиво со филантропија.

Би можело да ве интересира

„Телеграф“: Е-поштата покажа дека кралицата Елизабета Втора го поддржуваше Ендрју и покрај врските со Епштајн

Џефри Епштајн создаде мрежа на влијание од Ријад до Њу Делхи

Дмитриев: Наводните врски на Епстин со Русија се обид да се спасат корумпираните либерали

ФБИ: Епстин беше под надзор поради можност од самоубиство

Горан Наумовски

Венс: Документите за Епстин покажуваа колку американските елити се трули и инцестуозни

ВИДЕО: Поранешниот принц Ендрју се исели од резиденцијата во Виндзор