Првата дама на САД, Меланија Трамп, денес изјави дека е во постојан контакт со тимот на рускиот претседател Владимир Путин за да обезбеди враќање на украинските деца кои, како што рече, биле киднапирани од руската војска.
„Работам на тоа и процесот е во тек. Се надевам дека наскоро ќе имаме успех“, изјави таа за новинарите во Белата куќа.
Таа не даде детали за преговорите меѓу нејзините претставници и тимот на Путин, објави Ројтерс.
Портпаролот на Белата куќа потврди дека комуникациите продолжиле откако Меланија Трамп испрати писмо до Путин во август минатата година, кое лично го достави нејзиниот сопруг, американскиот претседател Доналд Трамп, во кое таа го посочи проблемот со киднапираните украински деца.
Откако првата дама на САД ја започна оваа иницијатива, 15 украински деца се вратени во Украина, вклучувајќи седум во декември минатата година.
Украинските власти ја обвинуваат Русија за киднапирање на најмалку 19.000 украински деца од почетокот на војната во февруари 2022 година, тврдејќи дека децата биле однесени во Русија или територии контролирани од Русија без согласност на нивните семејства или старатели. Сепак, Русија ги негира овие обвинувања, тврдејќи дека дејствувала за да ги заштити децата од борбени операции.
