Драмски театар Скопје на фестивалот РУТА во Љубљана

Од:

Помеѓу 29 јануари и 4 февруари 2026 година, Местно гледалишче љубљанско (МГЛ) по петти пат е домаќин на РУТА, регионалниот театарски фестивал. Овој ревијален фестивал од 2019 година на секои два месеци обединува шест театарски куќи од регионот на фестивалската сцена. Драмски театар – Скопје, сараевскиот Камерни театар 55, Београдско драмско позориште, Казалиште „Улисис“ од Загреб, Центарот за култура од Тиват (Црна Гора) и домаќинот – Местно гледалишче љубљанско (МГЛ), пред словенечката публика ќе се претстават со копродукцијата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме – нашето не го даваме“ и со претстави од драмската продукција на матичните куќи, во кои играат реномирани театарски и филмски имиња од регионалниот културен простор.

Драмски театар – Скопје во Љубљана гостува со две претстави – „Кармен“ и „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме – нашето не го даваме“.

Во копродукциската претставата „Плејбои…“, работена по текст на Душан Јовановиќ во режија на Иван Пеновиќ играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ. По премиерата во август минатата година во Будва, претставата гостуваше на летните сцени на Охридско лето и на Бриони, а потоа се играше на фестивалите РУТА во Скопје и во Белград. Гостувањето во Љубљана ќе биде дванаесеттата изведба на оваа претстава.

Актерката Билјана Драгиќевиќ-Пројковска на фестивалот РУТА во Љубљана ќе ја изведе монодрамата „Кармен“ работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски. Монодрамата од својата премиера во 2021 година има 47 изведби и учество на повеќе меѓународни театарски фестивали.

Како фестивалска активност и на словенечкиот фестивал РУТА, по изведбите на претставите се организираат разговори со уметниците. Оваа година тркалезните маси ќе ги водат драматурзите Петра Погоревц и Нина Куцлар-Стиковиќ. Основната цел на фестивалот РУТА иницирана уште од самиот почеток на соработката се потврдува и на овој фестивал со зајакнувањето на културните врски и надминувањето на националните граници во создавањето на простор за нови уметнички соработки. Со текот на годините, фестивалот стана препознатлив настан кој не е само прослава на театарот туку и можност уметниците, техничките тимови и театарската публика на едно место да ги разменат своите искуства и да иницираат нови проекти.

Би можело да ве интересира

„Денови на претстави од независната продукција“ во Драмски театар – Скопје

Драмски театар го објави конкурсот за наградата „Горан Стефановски“

Комеморација за актерот Лазе Манасковски

А1он

Премиера на „Болва в уво“ во Драмски театар

Драмски со претставата „Кармен“ на театарски фестивал во Анкара

Наградата „Ристо Шишков“ за Билјана Драгичевиќ-Пројковска