Металуршкиот инженер и аналитичар Виктор Грозданов оценува дека „многумина „лажњаци“ работат рудното богатство да го дадат на туѓи сили кои Македонија ниту ја сакаат во НАТО ниту пак ја сакаат во Европската Унија“. Во последната колумна насловена „Немаме литиум – имаме злато, бакар и „лажњаци“, тој додаде дека овие лица постојано велат дека ќе сме биле заложници на колонијалистички сили и континуирано сеат страв меѓу населението. Според него, државата е на природната рударска линија или „жица“ во источна Македонија и поседува огромни рудни богатства, пред сè големи количини на бакар и задоволителни на злато.
„Бакарот, Европската Унија го стави на списокот на критични метали и доживува експанзија во ценовната политика. Ако внимателно ги слушаме нашите аналитичари, а последен од нив е г-динот Методи Хаџи Јанев кој даде јасна и недвосмислена изјава: „Не е важно како ќе заврши конфликтот во Украина, туку кој ќе ја обновува“. Поуката е, нашиот бакар па макар и со најмал процент на светско ниво ќе игра важна улога на целокупниот пазар сконцентриран на тлото на Европската Унија“, пишува Грозданов.
Потенцирајќи го и златото, кое како скапоцен металичен елемент секогаш оди рака под рака со бакарот, тој додава дека овој метал игра многу значајна улога на светските берзи. Грозданов, повикувајќи се на рударски информации од неотворени рудници сподели дека Македонија поседува 200 тони чисто злато и тоа при експлоатација на овој скапоцен метал само во првите осум до дванаесет години.
„По овој период геолозите велат можно е, напомнувам можно е да се најде нова „жица“ што засега е не може да се прогнозира, но не се исклучува како можност. Но, да се вратиме на постоечката количина 200 тони злато во овој момент значат на пазарот 28 милијарди евра. Ако го земеме само овој елемент и да го игнорираме бакарот согласно нашите закони за рударска рента од четири проценти која мора да се исплаќа годишно на општините каде се наоѓаат рудниците со докажани количини како што се Пробиштип, Босилово и Ново Село, како и пределот на планината Кожув (за рудникот Петрошница во кумановско не би сакал пред време да шпекулирам) тоа се 1,130 милијарда евра за периодот кој го наведов“, смета аналитичарот.
Поради овие огромни богатства, истакна Грозданов, „лажњаците“ кои не ја сакаат Македонија во НАТО и ЕУ, работат во полза на туѓи сили.
„Затоа сакаат да нема квалитетно образование, да немаме народ во селата и малите градови. Тие се тие кои сакаат да ни донесат „туѓинци“ кои ќе работат под секое економско достоинство. Овие личности ја распродаваат Македонија. Овие личности ги глорифицираат Грета Тунберг и Виола фон Крамон Таубадел. Најголемите измамнички на светската сцена за заштита на животната средина“, заклучува Грозданов.
Тој воедно ја повика и Владата на Македонија да се сконцентрира на сопственото богатство и на сопствената наука.