Во пресрет на приемот на хрватските ракометари и одлуката на хрватската Влада Марко Перковиќ Томпсон да пее на плоштадот во Загреб, се огласи на Фејсбук и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.
Владата денеска усвои Заклучок за преземање на организацијата на приемот за ракометарите кои освоија бронзен медал, во соработка со Хрватскиот ракометен сојуз.
Приемот започнува во 18:00 часот на плоштадот Бан Јосип Јелачиќ во Загреб.
„Заклучокот на Владата на Република Хрватска – врз основа на кој таа ја узурпираше организацијата на дочекот на хрватската ракометна репрезентација на плоштадот Бан Јелачиќ во Загреб – е неуставен, незаконски и пиратски акт, чие донесување нема апсолутно никаква правна основа. Од ова неуставно и незаконско дејствие на Владата на Република Хрватска, произлезе незаконска примена на полициска сила врз комуналните служби на Град Загреб, на кои им е спречено да ги вршат своите овластувања јасно пропишани со закон. Владата на Република Хрватска изврши свесно уривање на уставниот поредок, а претходно измисли правна основа за своите постапки и дејствијата на Полицијата. Таквата постапка на Владата на Република Хрватска всушност ја узурпира државата и бескрупулозно предизвикува поделба меѓу хрватскиот народ. Претседателот на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, е одговорен за тоа“, се вели во соопштението.