Украина и Русија денеска го завршија вториот ден од преговорите со посредство на САД во Абу Даби без договор, но со најави за можни нови средби.
Разговорите завршија откако руските напади преку ноќ оставија повеќе од еден милион Украинци без електрична енергија за време на зимските температури под нулата.
Во изјавите по завршувањето на разговорите не беше наведено дека е постигнат некаков конкретен договор, но и Москва и Киев изразија подготвеност да го продолжат дијалогот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави на социјалната мрежа X дека „централниот фокус на разговорот беше дефинирање на можните параметри за завршување на војната“.
Според него, сите страни се согласија да известуваат за секој сегмент од преговорите во своите главни градови и да ги координираат следните чекори со политичките лидери, со можност за продолжување на состаноците веќе следната недела. Портпаролот на владата на Обединетите Арапски Емирати потврди дека имало директни средби меѓу делегациите на Украина и Русија, што е реткост во речиси четиригодишната војна предизвикана од целосна руска инвазија.
Во соопштението на ОАЕ се наведува дека разговорите се воделе во „конструктивна и позитивна атмосфера“ и дека тие вклучувале отворени прашања од американската мировна рамка, како и мерки за градење доверба со цел да се напредува кон сеопфатен договор.
Портпаролот на главниот украински преговарач, Рустем Умеров, потврди дека разговорите завршиле попладне по локално време.
Зеленски додаде дека американската делегација го покренала прашањето за можните формати за формализирање на параметрите за завршување на војната, како и безбедносните услови потребни за нивна реализација.
Пред преговорите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија не се откажала од барањето Украина да го отстапи целиот источен регион Донбас, вклучувајќи ги регионите Донецк и Луганск.