Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека договорот што го објави американскиот претседател Доналд Трамп, по нивните разговори во Давос, би можел да доведе до брзо и значително зајакнување на безбедноста на сојузниците на НАТО во Арктикот, со првите конкретни резултати веќе оваа година.
Трамп претходно изјави дека тој и Руте постигнале „рамка за иден договор“, а според генералниот секретар на НАТО, клучен дел од тој договор се однесува на зголемено безбедносно присуство и координација на сојузниците во арктичкиот регион.
Во интервју за Ројтерс, дадено на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Руте рече дека сега ќе зависи од воените структури на НАТО да ги разработат деталите за дополнителните безбедносни барања.
„Ќе се собереме во рамките на НАТО со нашите врвни воени команданти за да утврдиме што е потребно“, рече Руте, додавајќи дека е уверен дека процесот може да се одвива многу брзо.
„Не се сомневам дека можеме да го направиме тоа прилично брзо. Секако се надевам до 2026 година, а се надевам дури и на почетокот на 2026 година“, нагласу Руте.
Неговите забелешки доаѓаат во време на зголемени тензии околу Арктикот, регион кој во последните години доби на сè поголемо стратешко значење поради климатските промени, новите поморски рути, енергетските ресурси и растечката конкуренција од големите сили, вклучувајќи ги Русија, САД и Кина.
На прашањето дали сојузниците во НАТО можат да им веруваат на изјавите на Трамп и да го земат „на збор“, Руте одговори кратко и без резерва: „Секогаш можете да го земете Доналд Трамп на збор“.
Ова интервју доаѓа откако Руте претходно нагласи дека прашањето за данскиот суверенитет над Гренланд, тема што предизвика сериозни политички и дипломатски тензии меѓу Вашингтон и неговите европски сојузници во последните недели, не било дискутирано за време на разговорот со американскиот претседател.
Трамп, треба да се потсетиме, претходно предложи можност за постигнување поширок договор што би го вклучил не само Гренланд, туку и „целиот арктички регион“, што предизвика загриженост во Европа за можните последици за трансатлантските односи и единството на НАТО.
Изјавите на Руте, сепак, укажуваат на обид да се пренасочат најавите на Трамп во рамките на колективната безбедност на НАТО, со акцент на заедничко дејствување на сојузниците, наместо на еднострани потези од страна на САД.