„Веста дека кај судијата Ѓоко Ристов се најдени 350 илјади евра, пари осомничени дека се од корупција, не е само индивидуален скандал. Оваа вест ja уништува дури и последната доверба што граѓаните ја имаа во правосудниот систем. ВРЕДИ се убедени дека ова не е изолиран случај, туку врв на ледениот брег на еден скапан систем, кој со години ги штити силните, а ги угнетува обичните граѓани“ соопштија попладнево на прес-конференција од Коалицијата ВРЕДИ.
Од таму велат „Она што ја прави ситуацијата уште поалармантна е фактот дека Ѓоко Ристов не е непознато име за правдата. Напротив. Тој, заедно со судијата Енвер Беџети, сега прогласен за нон грата, беа и дел од судските одлуки што го отворија патот за слобода за Сашо Мијалков, симболот на заробената држава, кој денес слободно вози ферари во Монако“.
„Потсетуваме дека Енвер Беџети беше санкциониран како нон грата заедно со бегалецот од правдата, исто така нон грата Артан Груби, токму врз основа на сомневања дека влијаеле врз одлуките што му овозможиле на Сашо Мијалков да ужива во слободата и да го троши своето богатство. Ако некој мисли дека ова се случајности, тогаш не разбира зошто граѓаните се револтирани“ велат од ВРЕДИ.
Од Коалицијата прашуваат:
„- Во колку други случаи биле вклучени Ѓоко Ристов и Енвер Беџети?
– Во колку случаи биле дел од одлуки за притвор, финансиски гаранции или одложувања на постапките?
– Кои конкретни одлуки доведоа до ослободителни пресуди и избегнување на одговорност за моќници?
Главното прашање што останува е кој ги држел овие луѓе на овие позиции толку години и зошто?“.