Експертите со поделени ставови за предлог-измените на Кривичниот законик

Од:

Експерти од правосудството, академијата, адвокатурата и граѓанскиот сектор на јавната расправа во Собранието за измените и дополнувањата на Кривичниот законик денеска изнесоа свои согледувања, критики и препораки за предложените законски измени.

Додека дел од учесниците оценија дека измените го зајакнуваат системот и ги коригираат негативните последици од спорните измени во 2023 година воведувајќи построга казнена политика, особено за злоупотреба на службената должност, семејното насилство и опасното возење, други предупредија дека предлогот содржи структурни слабости, недоречени формулации, како и ризик од правен популизам и несразмерни казни.

Експертите се поделија и за мерките за одземање возила при тешки сообраќајни прекршоци, видеонадзорот во проектот „Безбеден град“, прашањето за застареноста на злоупотребата на службената должност и формулацијата на новите кривични дела за споделување експлицитни содржини. Повеќе говорници нагласија дека иако намерите се добри, точната формулација на членовите ќе одреди дали законот ќе донесе реални промени или само формални заострувања, без ефект во пракса.

Претседателот на Комисијата за политички систем, Љупчо Пренџов, на почетокот потенцира дека она што го предлагаат сега со измените на Кривичниот законик е многу построго од она што било до 2023 година и нагласи дека ова е важна јавна расправа бидејќи се носи по неколку основи, а тоа е, пред сè, дека се носи во меѓупериодот на донесувањето на Кривичниот закон, кој се работи во Министерството за правда заедно со Европската Унија, Венециската комисија, како и она што Уставниот суд го побара од Собранието.

– Важно е да се каже дека има неколку измени во законското решение – гонењето по службена должност на жртвите на семејно насилство, Законот за прекршоците, каде што во рамките на кривичните дела се вметнува и „Безбеден град“ ,со цел да имаме побезбеден сообраќај во Скопје и секое девијантно однесување и неприспособени брзини и дејства во рамките на сообраќајот да бидат најстрото санкционирани, што исто така сметавме дека е многу важна основа во законско решение, како и враќање на оние одредби што за неколку часа во 2023 година беа избришани, а се однесуваа на злоупотребите на службената должност на функционерите. Казните што ги предвидуваме се поголеми од оние што беа – рече Пренџов.

Професорката од УКИМ, Ана Чупеска, оцени дека предлог-измените содржат структурни дефицити дефинирајќи ги како задоцнета правда и правна козметика, што не само што не ја поправа штетата врз владеењето на правото туку отвора нови патишта за репресија и безбедносен популизам.

– Предлог-законот од декември 2025 година би рекле дека е многу брза реакција на бавна криза. Неговите суштински дефекти го прават ранлив за оспорување пред меѓународните инстанци и тоа е она што мене ме загрижува бидејќи служи повеќе за задоволување на формалните барања на ЕУ и особено на решението од Уставниот суд наместо за суштинско враќање на правдата – нагласи Чупеска.

Кривичниот законик, посочи Чупеска, не е само збирка на правни норми туку најексплицитен израз на општествениот договор помеѓу државата и граѓани ако овој закон ја губи својата етичка суштина тој престанува да биде закон, кој треба да етаблира правда и станува обичен декрет.

-Без сериозна амандманска расправа овој предлог ќе се претвори во инструмент за правен популизам, кој ги жртвува фундаменталните права за сметка на краткорочни политички поени, изјави Чупеска.

Адвокатот Ружица Николовска, која кажа дека долги години работи во кривичната област ги поздрави измените во членот 353 посочувајќи дека се врши корекција во битието на делото, што претходно било изоставено.

– Со предложените измени се додава и дејствије, кое се смета за противправно дејствие кое во 2023 година беше изоставено. Како дејствие на извршување на ова дело се додава и искористување на службената положба или овластување на лицето, а видно од самата одредба се зголемуваат казните, односно се заострува казнената политика, забележа Николовска.

Таа смета дека со усвојувањето на измените, како што рече, ќе се вратиме на нешто што го имавме барем теоретски и треба сериозно да се заложиме за борба против секоја корупција. Според неа, во таа област нема простор за играње без да се видат реперкусиите од измените што се прават низ годините наназад и, како што подвлече, од правните гимнастики како таа во 2023 година кога беше изменет Кривичниот законик.

Последиците од тоа, нагласи, довеле до намалување на предвидената казна, како и застарување на некои од делата. – Ги имавме случаите на СЈО и други во кои се инволвирани обични смртници, процесуирање на еден случај претставува сериозна работа и покренување на цела апаратура. Тоа значи финансии и енергија, и на крај од сето тоа да нема резултат. Се поставува прашањето дали навистина има борба за унапредување и борба против корупцијата, додаде Николовска.

Адвокаот Ајредин Рамадани од Гостивар, во своето обраќање се осврна на неколку клучни точки од предлог законот, меѓу кои за Член 300 б, за одземање на возило со кое е сторено кривично дело, дека не е уставно да се одземе возило за безобѕирно управување возила и нагласи дека тоа ќе падне пред ЕСЧП во Стразбур, исто како, што рече дека паднале и случаите со одземање камиони во вредност од 100 илјади евра за 2-3 кубика дрво.

-Треба да се води сметка за сразмерноста на казните. Во тој дел казната е престрога по мене. Ова може да го споредам со злоупотреба на службена положба, мене казните ми изгледаат помали. Јас би дал предлог да се даде рок за привремено одземање на возилото, каде сторителот ќе треба да плати лежарина и ќе се амортизира за сето тоа време и сето тоа ќе влијае на сторителот да не го повтори делото, изјави Рамадани.

За проектот „Безбеден град“, Рамадани рече дека стои на ставот на дел од професорите да се оформи тело што ќе се грижи и има контрола за во иднина тие да не се злоупотребат во иднина.

-Сепак снимаме нешто без судска дозвола, а се знае согласно законот дека да се снима некој мора да постои посебна наредба за ПИ мерки, а и за нив се знеа за кои посебни кривични дела, изјави Рамадани.

Професорот од Универзитетот „Мајка Тереза“ Сејфула Рамадани посочи дека не секогаш законските измени ни носат подобрувања и нагласи дека неказнивоста е многу тесно поврзана со застареност и со сите измени, вели, се вртиме во круг колку години треба да поминат за некој да се спаси или одбегне одговорност.

-Во Албанија се направи интервенција за КЗ и за кривични дела од носители на јавни функции веќе нема застареност. Значи сите тие носители на јавни државни функции кои сториле злоупотреба, независно како и кога ги сториле се повикуваат на одговорност кога ќе се откријат. Која е мојата интенција, јас би додал уште еден став одредбите од 353да не важат за ова дело, изјави Рамадани.

Иницирањето на измените за Кривичниот законик, според Нетка Ковачева, адвокат и претставник од организацијата Родителски фронт од Струмица, се нужни, пред се за заштита на човековите права и усогласување со конвенцијата на Советот на Европа на спречување и борба против насилството врз жените, девојчињата и жртвите на семејно насилство.

– Со предложените измени се очекува зголемена заштита на жртвите на семејно насилство, жените и девочињата, намалување на неказнивоста на сторителите, превенција од повторување на насилството, целосно исполнување на меѓународните оврски на државата, како и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите, рече Ковачева.

Посочи дека досегашниот пристап во пракса се покажал како неефикасен и недоволен, имајќи предвид дека жените и девојчињата жртви на семејно наслиство, како и лицата кои се посебно ранливи поради нивната возраст пречките во душевниот или телесниот развој често се наоѓаат во состојба од страв од сторителот, економска или емоцијална зависност, семеен или социјален притисок, ризик од повторено насилство, жртвите честопати не го пријавуваат насилството или го повлекуваат предлогот и се откажуваат од постапката.

Со предложената измена на член 130 од Кривичниот законик, смета дека се обезбедува усогласување со одредбите од Истанбулската конвенција, која предвидува дека кривичните постапки не смеат во целост да зависат од пријавата или од волјата на жртвата, и дека постапката треба да продолжи и кога жртвата ќе се повлече.

– Со тоа, државата ја презема активната улога во гонењето на насилството и се одстранува товарот од жртвата да ја иницира и да ја одржува постапката, се зголемува ефикасноста на кривичното гонење и се испраќа јасна порака за нулта толеранција на семејно насилство, рече Ковачева.

Кривичниот законик за адвокатот Ѕвонко Давидовиќ е еден од најбитните закони и вели, треба могу да се внимава да не се овозможат дискрециони права. Укажа на детали од предлог текстот, во членот 38, во кои, според него, се бара престанок на важење на возачка дозвола од определа категорија и определен временски период во кој не може да добие возачка дозвола.

– Со ваква дефиниција тоа значи дека откако ќе измине казната треба да го полага возачкиот испит повторно што во другите закони не е така дефинирано. Постоечката дефиниција да му се ограничи правото на управување и траење на време на управувањето ја дава истата санкција и можност. Но, одземање возачка дозвола и престанок на важење значи решение со кое ја поништувате возачката дозвола, прашање е дали имате право на тоа согласно другите закони, посочи Давидовиќ.

Во однос на одземање возило ако вози 50 или 70 километри над дозволеното зависно од местото, забележа дека не се предвидува да се одземе возило заради 1,5 промили алкохол или дроги. Последицата, нагласи, може да е многу поголема со присуство на дрога или аклохол отколку 50 километри на час над дозволената брзина.

Мартина Дранговска Мартинова, претставничка на Македонското здружение на млади правници, се осврна на две измени, на новиот член 152а, кој се однесува на злоупотреба на сексуално експлицитни содржини, како и предложените измени на член 418г, во делот на експлоатација на деца заради питачење.

-И член 152а и измените на член 418г се донесени со добра намера, но во кривичното право добрата намера не е доволно, ако не резултира со вистинска промена во пракса. Неопходно е јасно да се рефлектира насилната димензија на злоупотребата на сексуално експлицитни материјали, да се избегне разводнување кај делата спрема деца и да се обезбеди доследна квалификација и примена. Само така законските измени ќе значат вистинска примена, а не уште една формална интервенција, изјави Драгановска Матинова.

Воведувањето на член 152а, според Драгановска Мартинова, е оправдан и неопходен чекор, со кој конечно се адресира правната пракса со неовластеното споделување на интимни содржини и манимулираните и изменети видео материјали, како и заканата по нивно објавување.

Адвокат Асмир Алиспахиќ, го поздрави предлогот за измена и дополнување на законот, со предлози за кои рече треба да се размислат да се дообјаснат, како во член 98а, 297 и 297а. Членот за одземање на возила, Алиспахиќ го оцени позитивно, посочувајќи дека е добро и требаше порано да се воведе кај нас, бидејќи е еднакво опасно оруди како и сите други за сторување кривични дела.

Адвокат Александар Тортевски, рече дека измените од 2023 се најголем упад со кој законодавецот амнестираше солидна бројка на луѓе на највисоки функции и сега ние сме тука „да ја бојадисаме куќата што тие ја разурнаа“.

Тортевски, се осврна и на сообраќајните несреќи со смртни последици, каде се дефинираат со умисла и дека треба да се направи дистинкција, посочувајќи дека за него е многу повеќе умисла ако се вози со 240 на улица „Македонија“ или безобизирно и настане сообраќајна несреќа со смртни последици, отколку како што сега се толкува сообраќајна несреќа со смртни последици со умисла. Тој е за одземање на возилто за вакви дела.

Дарко Аврамоски од Коалицијата за правично судење како решение предложи враќање на стариот Кривичен законик, кој важеше до 2023. Тој потврди дека решението од 2023 година е лошо и оти периодот до донесување нов кривичен закон ќе биде долг и смета оти е потребно решение за кое нема да се изгуби време.

– Старото решение кое беше до 2023 го има поминато тестот на јавна дебата и праксата. Тоа не е идеално решение, но токму заради тоа има процес на донесување целосно нов кривичен законик. Дополнтелен аргумет за враќање на старото решение е што во период од четири години ќе имаме различни дефиниции на иста група кривични дела што ќе влијае на правната сигурност и ќе им направи проблеми на практичарите, рече Аврамоски.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик е поднесен од пратениците Бојан Стојаноски, Љупчо Пренџов, Тони Јаревски, Бране Петрушевски, Драгана Бојковска, Дафина Стојаноска, Игор Здравковски, Лидија Петкоска и Мартин Стојановски.

Претседателот на Комисијата за политички систем, Пренџов на крајот на јавната дебата информира дека наредниот петок во 10 часот ќе се одржи седница на Комисијата, на која како точка ќе биде ставен на разгледување во второ читање Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

Би можело да ве интересира

Од вторник ќе се врши тестирање на проектот „Безбеден град“

Македонија меѓу земјите за кои САД ја запираат обработката на имигрантски визи

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Зајкова: Срамно е по 18 месеци чекање нов Кривичен законик, да добиеме само козметички интервенции

На седница на Собранието измените на Кривичниот законик

Мицкоски во Маврово и Ростуше на средба со граѓаните и поддршка за Онер Јакупоски за градоначалник

СДСМ ќе го поддржи опозицискиот кандидат Валбон за градоначалник на Гостивар