Дваесет и две лица загинаа во судирите денеска меѓу турските воени сили и бунтовниците од Курдската работничка партија (ПКК) во околината на градот Шемдинли, во округот Хакари, во југоисточна Турција, изјави локалниот валија Орхан Алимоглу.
Шест војници, двајца селски чувари и 14 курдски бунтовници загинале, а 15 војници се ранети при напад на ПКК врз воен пункт, во село во округот Хакари, во близина на границата со Ирак. Алимоглу истакна дека меѓу убиените турски војници има три жени.
Други петнаесет војници, еден селски чувар и петмина цивили се ранети во престрелката која избувнала по нападот.
Ова е најсмртоносен судир од јуни, која во сличен напад во истиот регион загинаа 28 лица.
Турскиот вицепремиер Бешир Аталај изјави по нападот дека Турција ќе продолжи да се бори против тероризмот.
Анкара неодамна презеде копнена и воздушна офанзива против ПКК, распоредувајќи околу две илјади војници во регионот во обид да ги протера бунтовниците од градот Шемдинли.
ПКК, која од Турција САД и ЕУ е прогласена за терористичка организација, од 1984 година води вооружена борба за автономија на региони во источна и југоисточна Турција, кои се населени претежно со Курди. Во судирите досега загинаа најмалку 45 илјади лица.