Претседателот на Уставниот суд апелира за итен избор на уставен судија

Од:

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски на денешната годишна прес-конференција упати апели до Судскиот совет да постапи итно и во најбрзо можно време да предложи кандидат за уставен судија, до Собранието да постапи итно не одложно и во најбрзо време да предложи и да избере уставен судија и до политичарите да покажат повисоко ниво на уставно правна култура, да се воздржат од лесно посегнување по етикети и поделби, да покажат реална, а не декларативна посветеност кон владеењето на правото.

Костадиновски, одговарајќи на новинарски прашања дали и колку ќе се соочи Уставниот суд во самото функционирање без комплетен состав, рече дека веќе имаат проблем и дека од мај месеци веќе имаат десетина предмети за кои немаат одлуки.

-Веќе имаме проблеми. На вчерашната седница имавме не еден, три предмети во кои немавме мнозинство. Значи од заминувањето на колешката во мај месец, до денес мислам дека имаме десетина предмети кадешто немаме одлука. И повторно, неблагодарно е да ги квалификувам како важни или помалку важни. Сите наши одлуки се важни, изјави Костадиновски.

Во поглед на предметот со пензиите, Костадиновски, нагласи дека на последната седница се поделиле законите и во такви околности „ќе чекаме нов судија и одма ќе донесеме одлука“.

-Поведената постапка не значи одлука. Се поведува постапка со решение кога изразуваме сомнеж и влегуваме во втора фаза, кога се испитува уставноста и законитоста. Таа втора фаза, не секогаш завршува со одлука. Одлуките се укинувачка, поништувачка, но можеме и да ја запреме постапката, ако дел од судиите во своите правни резонирања виделе дека пропуштиле некој важен, суштински елемент. Значи два пати се гласа, изјави Костадиновски.

Прашан зошто Уставниот суд не постапил порано со сопствена иницијатива во случајот со пензиите, Костадиновски, рече дека последните законски измени биле оспорени со повеќе иницијативи и се постапувало по предметите.

-Често се спомнува ова побрзо или поспоро постапување. Како суд ние имаме механизми со типот на нашата одлука да ги исправиме последиците, доколку настануваат по било кој закон. Затоа некогаш прашањето не е суштинско дали можело два три месеци порано или подоцна да се одлучи, изјави Костадиновски.

Во однос на измените на Кривичниот законик и Изборниот законик и впечатокот дека парламентот и владата не го почитуваат доволно тоа што Уставниот суд го дава како рок, Костадиновски вели дека Уставниот суд има и „механизми и типови на одлуки во кои сме цврсто решени да воведеме уставна дисциплина“.

-Во изминатиот период точно е дека нервозни се државните органи, имаше интерпелација за мене, имаше изјави „кој е тој уставниот суд да ни дава рокови и задачи“. Но, верувајте кога ќе кажам внесуваме новини, ние се подготвуваме. Видиме ли, зошто веќе видовме недисциплиниран уставен орган. Парламентот и за законот за електронски комуникации два месеци каснеа, сега за измените за КЗ десет месеци не го почитуваат нашиот рок, за Изборниот законик не ја потполнија правната празнина што се создаде… Медениот месец за било кој државен орган завршува. Ние имаме и механизми и типови на одлуки во кои сме цврсто решени да воведеме уставна дисциплина. Можете да очекувате наредната година многу поинакви одлуки од Уставниот суд, изјави Костадиновски.

Уставниот суд, нагласи Костадиновски, без разлика што е надвор од начелото за поделба на власта, го контролира и не смее да дозволи надмоќ на едната, врз другата.

Би можело да ве интересира

Костадиновски: Сè зависи каде се применува бадентерот

Костадиновски: Итно да се изберат двајца уставни судии

Костадиновски: Укинувачката одлука на Кривичниот законик би направила поголема штета од пратеничката

Собранието ја констатира оставката на Дабовиќ-Анастасовска, опозицијата бара Анкетна комисија за трагедиите

Горан Наумовски

Уставната судијка Јадранка Дабовиќ-Анастасовска поднесе оставка

А1он

Пензионери се собраа пред Уставен суд: Со процентуално зголемување, ќе немаме за леб