Судење „Пулс“: Обвинетиот Нацев тврди дека е таргет на разни неосновани и политизирани клевети и навреди

Од:

Одбраната на обвинетиот Александар Нацев, во воведен збор на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, тврди дека во текот на постапката ќе докажат дека „обвинетиот Александар Нацев не бил ниту одговорно лице, ниту реален сопственик на правното лице „Рубикон“, како и дека припадниците на обезбедување ноќта на трагичниот настан не биле задолжени или ангажирани да вршат контрола на бројот на присутни гости во кабарето, да вршат проверка на безбедносна опрема, на сигурносни услови на објектот, ниту обвинетото правно лице имало обрвска да достави план за обезбедување.

Во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Сите обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата, по воведните зборови на одбраната, треба да почне доказна постапка со сослушување на сведоци оштетени, предложени од Обвинителството.

Обвинетиот Александар Нацев, во воведен збор рече дека девет месеци молчел и бил жртва на медиумски и јавен линч, нагласувајќи дека се прави „брутално силување“ на Законот за приватно обезбедување со цел одредени негови одредби да послужат како поткрепа на теоријата на случај на обвинителството.

– Со неверување гледав како со неверојатна леснотија одново и одново беше уривана презумцијата на мојата невиност, додека целиот тој период бев таргет и на разни неосновани и политизирани клевети и навреди, истакна Нацев.

Според Нацев, со пренасочувањето на одговорноста која ја имаат државните органи задолжени за превенција, надзор и контрола кон припадниците на обезбедувањето е само уште еден чекор за префрлање на вината и малициозно толкување на одредбите од Законот за приватно обезбедување, Законот за полиција и Законот за промет со експлозивни материи.

– Морам да констатирам дека дури еден Џорџ Орвел би можел да позавиди на ваквата конструкција. Токму затоа, во текот на ова судење ќе ги неутрализираме ваквите конструкции преку непобитни докази и околности кои јавно ќе укажат на отсуството на каква било вина кај мене или каква било т.н. каузална поврзаност со трагичниот настан за време на чие случување јас воопшто и не бев во државата, изјави Нацев.

Одбраната на Нацев, адвокатот Дејан Стојчев, во воведен збор рече дека во оваа постапка ќе покажат два клучни факти: првообвинетиот Александар Нацев не бил ниту одговорно лице, ниту реален сопственик на правното лице „Рубикон“.

Со интегрираното обвинение на обвинетиот Александар Нацев, како што посочи Стојчев, му се става на товар дека во периодот од втората половина на 2024 година, до 16 март 2025 година дејствувал како одговорно лице, реален сопственик на обвинетото правно лице друштво за обезбедување имоти и лица „Рубикон секјурити Солушнс“ Скопје и кој раководел со целокупниот опфат и работење на агенцијата „Рубикон“ заедно со обвинетиот Јане Јанчевски, управител на обвинетото правно лице.

Според Стојчев, со анализа на двете навидум исти, а суштински различни обвиненија ќе се забележи дека застапникот на обвинението со првото обвинение наведува дека мојот клиент постапувал како одговорно лице, реален сопственик уште од 2022 година, за подоцна во интегрираното обвинение оваа временска рамка да ја стесни на од втората половина на 2024 година, до 16 март 2025 година.

– Не случајно се извршени овие интервенции. Застапникот на обвинението не може да докаже апсолутно никаква поврзаност на ова правно лице со Александар Нацев, освен во 2024 година, ова е неспорен факт за одбраната, бидејќи обвинетиот Александар Нацев тогаш бил и вработен во обвинетото правно лице. Она што е спорно за одбраната и ќе докаже дека ваквата теза на обвинителството е конструкт на замислени претпоставки организирани во систем кој ним им одговарал е тоа дека Александар Нацев бил одговорно лице, реален сопственик на „Рубикон“ се тоа врз основа на склучен договор за дополнително работење на Нацев во „Рубикон“ како консултант имајќи го предвид неговиот стручен профил на експерт од областа на безбедноста, изјави Стојчев.

Припадниците на обезбедување ноќта на трагичниот настан, Стојчев рече дека, не биле задолжени да вршат контрола на бројот на присутни гости во кабарето, ниту биле ангажирани да вршат проверка на безбедносна опрема на сигурносни услови на објектот, ниту обвинетото правно лице имало обрвска да достави план за обезбедување.

– Во услови на непостоење на каков било договор за вршење работи на физичко обезбедување нема основ ниту за утврдување на постоење на вина со оглед на тоа дека согласно Законот за приватно обезбедување не се исполнети законските претпоставки за да се смета дека настанал договорен однос на приватно физичко обезбедување, па оттука ниту исполнувањето и неисполнувањето на таквиот правен однос, нагласи Стојчев.

Според одбраната, на крајот од ова судење, доказите ќе покажат дека обвинетиот Александар Нацев бил вработен, а не и реален сопственик на „Рубикон“; обезбедувањето немало договорна надлежност, ниту добивало инструкции да врши или вршело работи на приватно физичко обезбедување; обвинетиот Александар Нацев со ниту едно свое дејствие или пропуштање да преземе дејствие не го предизвикал пожарот.

– Обвинетиот Нацев не може да се товар за непреземање дејствие кое законски или договорно не бил обврзан да го преземе, нагласи Стојчев.

Претставникот на обвинетото правно лице „ММММ КАФЕ“ ДООЕЛ Кочани, во воведен збор, рече дека обвинението е непрецизно, составено на нејасен и недоречен начин и не ги исполнува основните барања за јасност и законска определеност од повеќе аспекти.

– Наместо јасно да се дефинира кои конкретни дејствија ги извршувало правното и одговорно лице, актот остава простор за интерпретација и претпоставки што го отежнува утврдувањето на соодветна правна квалификација на дејствијата. Обвинението не ги исполнува законските барања во поглед на форма и содржина, недостига индивидуализација, како и разграничување на дејствијата по лица, време и точки, нагласи адвокатката.

Според одбраната, нагласи таа, врз вакво обвинение не може да се утврди одговорност на правното лице, бидејќи истата може да произлегува само од јасно определени дејствија на неговите овластени лица, а тоа е нешто што овде недостасува.

Претставникот на обвинетото правно лице „РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШНС“ ДООЕЛ Кисела Вода, Стефан Котевски, во воведен збор, рече дека во текот на постапката и преку доказите што ќе бидат изведени ќе докажат дека во овој случај не постојат услови за утврдување на кривична одговорност на обвинетото правно лице.

– Ќе докажеме дека на критичната вечер од обвинетото правно лице не било побарано ниту усно, ниту писмено да обезбеди услуга со вршење на обезбедување на дискотеката „Пулс“, односно ќе докаже дека од страна на прво и третообвинетиот не било побарано од „Рубикон“ да ангажира негови вработени лица да го обезбедуваат настапот на музичката група ДНК, изјави Котевски.

Со ова завршија воведните зборови и на одбраната, по што треба да почне доказна постапка со сослушување на сведоци оштетени, предложени од Обвинителството.

Претходно, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето е чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“. Тој порача дека не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“. Јанев нагласи дека се бара правда, не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност.

Сите обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Некои од нив изразија сочувство кон семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле „тешки дела против општата сигурност“.

Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението. Нивните одбрани тврдат дека обвинетите не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци што, според нив, ќе ја потврдат оваа теза.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.

Би можело да ве интересира

Судење „Пулс“: Сведокот Николов тврди – видов дим и се слушаа чудни звуци, тогаш сфатив дека е нешто сериозно

ВИДЕО: Гневни сме затоа што сите виновни не се во постапката, нема обвиненија за полицајците, порачаа родителите на жртвите од „Пулс“

Катерина Ѓуровски

33. Марш за ангелите: Молкот и одолговлекувањето повеќе не се прифатливи

Одбраната со серија забелешки за работата на Обвинителството и правната конструкција на обвинението за „Пулс“

А1он

Одбраната на пазарните инспектори: Се шират неточни информации за случајот „Пулс“

Одбраната тврди: Вработените во Министерството за економија немаат никаква поврзаност со пожарот во „Пулс“ нивната улога била исклучиво административна

Горан Наумовски