Бебе старо само осум дена од Прилеп вчера било донесено на детското одделение во Општата болница „Борка Талески“ без знаци на живот. Лекарите се обиделе да го реанимираат, но безуспешно. Случајот веднаш бил пријавен во полицијата, а Основното јавно обвинителство Прилеп отвори предмет и нареди обдукција со цел да се утврдат причините за смртта.
Според СВР Битола, случајот бил пријавен вчера во 8.35 часот.
„Во 8.35 часот на 11 декември е пријавено дека на детското одделение во прилепската болница без знаци на живот било донесено бебе старо осум дена. По наредба на јавен обвинител, телото е предадено на обдукција“, соопштија од СВР.
Од ОЈО Прилеп го потврдуваат случајот и информираат дека е прибрана и целокупната медицинска документација поврзана со породувањето и третманот на новороденчето.
„Бевме известени во 8.10 часот. На детското одделение се обиделе да го реанимираат бебето, но неуспешно. Наредив обдукција за да се утврдат причините за смртта. Побарана е документацијата за породувањето и третманот при раѓањето. Родилката, по две дена од породувањето, на свое барање била отпуштена од болницата. Ќе се врши и вештачење. Разговаравме со родителите и извршен е увид и во семејниот дом“, изјави основниот јавен обвинител Стевчо Биноски.
Семејството живее во периферната населба „Три Багреми“ во Прилеп, а починатото бебе било нивно трето дете.
