„Очигледна е намерата по секоја цена на партијата која е во пропаѓање да обвинува, клевети и жигосува. Тоа е нивниот стил, но и единствената сламка за спас. Додека тие зборат за некаков криминал, тие што вистински се тоа, од Дубаи нарачуваат и пишуваат клеветнички прес конференции. Така тоа изгледа кога крадецот вели држете го крадецот. И сакаат да се заборави на златните визи на Филипче, Заев, за модуларната болница, Соравија, плантажите за марихуана“ реагираше на Фејсбук директорот на СОЗР, Ивица Томовски по нападите од СДСМ дека „Семејна фирма на Томовски од СОЗР ги „чисти“ парите на граѓаните и тоа во милиони евра“.
Според него, „Тоа беше нивното „владеење“ – период на пропаѓање што остави длабоки последици врз општеството и врз довербата во институциите. Но денес ги гледаме нивните соопштенија – безобразни, малициозни, полни со клевети и измислици. Тој нивен примитивен стил не е политика, туку обид со гнасни конструкции да се прикрие сопствениот очај. Да се прикрие неспособноста која ја видовме седум години. Да се прикријат предавствата што им ги направија на граѓаните. Да се прикрие корупцијата која го изеде секој сегмент од државата — од пасоши до тендери, од енергетика до здравство, од локални до централни институции“.
„Нема со гнасни соопштенија да покријат дека токму тие ги уништија македонските институции. А вистината за случајот е следна. Посочената компанија не е моја, ниту пак имам било каков удел во нејзе. Јас во моментов немам никаква приватна компанија и единствено сум насочен кон мојата работа како директор на Службата за општи и заеднички работи. Целиот мој живот работам чесно, одговорно и посветено, така и ќе продолжам. СДС ќе мора да се извини поради изнесените клевети, во спротивно ќе поднесам тужба пред надлежните органи“ порача Томовски.
