Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес изјави дека е убеден дека континуираните напори на САД за завршување на војната во Украина „на крајот ќе го вратат мирот во Европа“.
На прес-конференција пред утрешниот министерски состанок на НАТО во Брисел, Руте повторно ја критикуваше Русија за „систематско таргетирање на цивилната инфраструктура“ во нападите врз Украина, објавува Гардијан.
Тој, исто така, објави дека очекува сојузниците во наредните денови да „објават нови придонеси“ во програмата „Приоритетна листа на барања за Украина“, механизмот на НАТО за купување американско оружје за Украина, што дополнително ќе ги зголеми „милијардите долари“ веќе ветени средства.
Кога беше прашан од новинарите за текот на преговорите за Украина и улогата на НАТО во нив, Руте нагласи дека поголемиот дел од преговорите се одвивале преку национални канали меѓу САД, Русија и Украина.
Тој истакна дека елементите од договорот што се однесува на НАТО ќе бидат разгледани одделно и дека НАТО, секако, ќе биде вклучен во него.
Запрашан за членството на Украина во НАТО, Руте повтори дека алијансата е отворена за пристапување, но нагласи дека за тоа е потребен консензус од сите сојузници, што во моментов не постои.
Руте изјави дека оригиналниот мировен план од 28 точки бил почетна основа, но дека оттогаш се изготвени нови нацрти.
„Сакаме војната да заврши, но со суверена Украина и ситуација во која Русија никогаш повеќе нема да се обиде да ја нападне Украина, тоа е клучно. Преговорите сега се во тек“, рече тој.
