Одбраната на Јованов: Обвинението против Михаил Јованов се темели само на тоа што е син на сопственикот на „Пулс“

Од:

Во воведното излагање на денешното рочиште за случајот со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, адвокатката Ивана Коцевска, бранител на третообвинетиот Михаил Јованов, истакна дека Обвинителството не обезбедило ниту еден доказ кој ја поткрепува тезата за негово гонење, ниту пак прецизирало конкретно дејствие што му се става на товар. Според Коцевска, третообвинетиот Јованов се наоѓа на обвинителна клупа единствено затоа што е син на газдата на „Пулс“ Дејан Јованов, којшто е првообвинет во случајот.

– Во случајот за третообвинетиот Михаил Јованов, Обвинителството не само што не прибавило ниту еден доказ во поддршка на тезата за прогон, туку не успеало ниту да прецизира барем едно дејствие во диспозитивот на целото обвинение, рече Коцевска, и додаде дека ваквата состојба го довела обвинетиот во позиција да мора да ја докажува сопствената невиност „без прецизен товар на противправни дејствија“.

Адвокатката предупреди и на, како што рече, континуирана повреда на пресумпцијата на невиност од страна на државните органи и медиумите, оценувајќи дека јавните настапи и објавувањето доказен материјал надвор од постапката создале дополнителен притисок врз Судот. Таа оцени дека во претходната постапка имало многу незаконитости и дека Обвинителството неосновано ја проширило „лепезата на обвинети“, без да ја поддржи обвинителната одлука со докази.

– Во ваков случај, каде што не постои ниту еден доказ во поддршка на тезата за прогон против Михаил Јованов, се ставаме во една неизвесна ситуација да мора да се браниме, односно да мора да ја докажуваме неговата невиност… Случајот премногу ги премина границите на дозволеното, бидејќи органите на прогонот успеаја да ја доведат јавноста во заблуда со предавање на дел од доказниот материјал надвор од рамките на постапката и со тоа да предизвикаат дополнителни притисоци врз Судот, рече Коцевска.

Обвинението против Јованов, таа го оцени како непрецизно, наведувајќи дека не е јасно што точно презел во име и за сметка на правното лице. – Врз основа на ваквото непрецизирано и нејасно образложување… на Михаил Јованов му се става на товар дека сторил кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, вели Коцевска.

Најави дека во доказната постапка ќе бидат изведени документи и сведоци кои, според одбраната, ќе потврдат дека Јованов не учествувал во работењето на клубот, туку во наведениот период бил студент, а потоа сопственик и управител на своја фирма.

– Од доказите на Обвинителството единствено може да произлезе дека Михаил никогаш формално-правно не бил, ниту фигурирал како сопственик, ниту како управител на правното лице. На тој начин ќе дојдеме до одговорот на прашањето зошто Обвинителството не успеало да прецизира барем едно дејствие, затоа што такво дејствие никогаш не постоело, вели Коцевска.

Адвокатот Благоја Јованов, бранител на директорот на „МММ кафе“ Митко Стојанов, пак, во воведните зборови пред Судот истакна дека обвинението против неговиот клиент е, исто така, неосновано и дека нема директна поврзаност меѓу дејствијата што му се ставаат на товар и настанот за кој се гони. Според него, јавноста и медиумите преку континуирани јавни изјави создале неправеден впечаток за вина кај обвинетиот пред да биде донесена правосилна судска одлука.

– Јавното обвинителство ни понуди теорија на случај во кој, доколку ја искористиме нивната аналогија на размислување и нивното правно резонирање, со право ќе се запрашате: во 2012 година, зошто не гонеле за злоупотреба, зошто не гонеле за злоупотреба на положба, зошто не гонеле за несовесно работење во служба? Тоа е единствениот орган од државата, самостоен, кој има обврска да гони сторители на кривични дела, рече адвокат Јованов.

Обвинителството, вели, е единствениот орган од државата кој гони сторители на кривични дела, врши истраги и постапува по службена должност. – Според нивното резонирање, доколку гонеле во 2012 година, можеби пожарот немало да се случи, рече адвокат Јованов.

Правниот принцип кој треба да се примени е причинско-последична врска, рече адвокат Јованов, при што за постоење на одговорност е задолжителна директна поврзаност помеѓу сторувањето или несторувањето и настанот.

– Постојат два принципи кои ја дефинираат појавата на одреден настан, односно принципот на причинско-последична врска, кој е прифатен во правото, и кај кој за појава на настанот е задолжителна директна врска меѓу сторувањето или несторувањето и принципот на ефект на пеперутка кој се применува во физиката и не е применлив во правото. Тоа е принцип според кој одредено сторување или несторување предизвикува настан, а наредниот настан зависи само и единствено од претходниот, без да има директна поврзаност со главниот настан, рече адвокат Јованов.

Според него, во периодот кога Стојанов бил формален управител на „МММ кафе“, тој не презел ниту едно дејствие, ниту пропуштил било какво задолжително сторување што би било во директна поврзаност со пожарот во објектот. Одбраната, истакна, ќе презентира докази и сведоци кои ќе потврдат дека Стојанов не учествувал во дејствата што му се ставаат на товар и дека нема причинско-последична врска помеѓу неговите постапки и настанот за кој се гони.

Претходно, сите обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, изјавија дека не се чувствуваат виновни за делата кои им се ставаат на товар. Дел од нив упатија сочувство кон семејствата на жртвите и нагласија дека го разбираат обвинението, но, не признаа вина за „тешки дела против општата сигурност“.

Судењето продолжи со воведен збор на бранителот на обвинетиот сопственик на „МММ кафе“, Митко Стојанов и обезбедувачот Стојанчо Димитриев.

Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.

На обвинителна клупа седнаа 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.

Би можело да ве интересира

Деко се расплака во судница: Сите знаат колку генерации пораснаа во клубот и колку се грижев за нив

Катерина Ѓуровски

Судење „Пулс“: Адвокатката на газда Деко вели „никој на Дејан ме му констатирал пропусти во работата на дискотеката“

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Газда Деко и сите останати обвинети не се чувствуваат виновни по обвинението за трагедијата во „Пулс“

Катерина Ѓуровски

Судење „Пулс“: 13 мобилни телефони и лап-топ се пронајдени во ќелијата на обвинетиот Џеваир Камбери

Катерина Ѓуровски

Продолжува судењето за „Пулс“: Обвинетите денес ќе се изјаснат за вината

Горан Наумовски

ВИДЕО: По претставка на родителите на загинатите во „Пулс“, Апасиев закажа Анкетна комисија на 9 декември

Катерина Ѓуровски