Отворено писмо со остар тон: Кина во конфликт со Милошоски

Од:

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, се најде под лупа на Амбасадата на Народна Република Кина во Скопје. По средбата што тој, заедно со пратениците Фатмир Битиќи (СДСМ) и Рашела Мизрахи (ВМРО-ДПМНЕ), ја оствари со тајванска делегација, кинеската амбасада преку остро отворено писмо упати серија критики и предупредувања.

Средбата, која мина речиси незабележано во јавноста, била со делегација предводена од Винсент Цаи – шеф на канцеларијата на Тајванското претставништво во Рим. Единствена јавна реакција дојде од пратеникот Битиќи, кој на „Фејсбук“ објави дека разговорите се однесувале на унапредување на парламентарната и економската соработка, размена на искуства и можни заеднички инвестиции. Тој додаде и дека била изразена поддршка за донацијата од тајванската делегација до Универзитетската клиника за детски болести.

Амбасадата на Кина го оцени овој контакт како „тежок погрешен чин“ и директно го посочи Милошоски како одговорен за нарушување на принципот „Една Кина“, кој Северна Македонија го прифатила со воспоставувањето дипломатски односи во 1993 година.

„Овој чин го поткопува политичкиот темел на билатералните односи и испраќа погрешен сигнал до сепаратистичките сили кои се залагаат за независност на Тајван“, стои во реакцијата објавена на официјалната страница на амбасадата.

Од дипломатското претставништво нагласуваат дека Македонија веќе двапати – во 1993 и во 2001 година – формално го потврдила ставот дека ја признава Владата во Пекинг како единствена легитимна власт на Кина и дека нема да воспоставува никакви форми на официјални односи со Тајван.

Амбасадата се обраќа директно до Милошоски, поставувајќи му повеќе јавни прашања:

дали прекршувањето на политичките обврски го штити меѓународниот имиџ на Северна Македонија, дали се проценети последиците врз односите со „голема сила“ и дали вреди да се ризикува соработка со огромниот кинески пазар поради, како што го нарекуваат, „кратковид чин“.

„Господинот потпретседател често тврди дека ја претставува волјата на народот. Тогаш Ве молиме внимателно слушајте го гласот на народот“, порачуваат од амбасадата.

Како финална критика, амбасадата наведува дека Милошоски – поранешен шеф на дипломатијата и долгогодишен член на Комисијата за надворешна политика – требало да биде свесен за чувствителноста на ова прашање. Наместо тоа, според Кина, тој инсистирал на посета на Тајван во официјален капацитет и сега повторно дал институционална платформа за „политичка театралност на тајванските сепаратистички сили“.

„Имаме право да прашаме во кој правец потпретседателот на Собранието има намера да ги насочи нашите билатерални односи“, завршува реакцијата.

Би можело да ве интересира

Милошоски: Ако Бугарија тврди дека проблемот се само Бугарите во Устав, ајде да поднесеме заедничка резолуција во ЕП со која се гарантира посебноста на македонскиот идентитет и јазик

Милошоски: ДУИ да се насочи кон реформирање на сопствената партија, а не да испраќа патетични писма

А1он

Османи: Дел од фабрика на лажни вести во ВМРО-ДПМНЕ е дека постои документ од ЕК потпишан од 25 членки за важење на старите документи

СДСМ: Милошоски да не го блокира Законот за рестриктивни мерки

Милошоски: Раштимана делегација во Минхен, двоглавото претставување е за потсмев

Милошоски: Пендаровски ја релативизира позицијата во која не донесе Владата

Катерина Ѓуровски