Родителите на жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“ низ солзи го проследија воведното обраќање на обвинителот кој во детали ја објаснуваше вината и одговорноста на сите обвинети во случајот.
Семејствата кој во судницата го следат процесот носат блузи со ликови на нивните деца и со аплауз го поздравија воведниот говор на обвинителот.
Во својот говор обвинителот Борче Јанев нагласи дека катастрофата не е резултат само на пиротехниката, туку на серија институционални пропусти и неодговорност
-Катастрофата во Кочани не настана од дејствија или пропусти на една човечка рака. Не настана само како последица на активацијата на пиротехниката таа кобна ноќ, на 16 март 2025 година. Од навидум обичен сценски ефект, кога искрите од пиротехниката донесоа невиднина. Снимките кои нѐ потресоа сите и го обиколија светот се само завршниот и фатален чин на ова интитуционално, невидливо а реално, многу присутно зло, кое исплива на виделина таа вечер. Во Кочани не изгоре само објетот, со него изгоре и илузиијата дека одговорните во системот се тука кога трреба да заштитат. Изгоре и вербата дека оној што бил повикан постапил навреме да спречи. Затоа изгоре за жал и иднината на невини млади луѓе кои сакале само радост и забава таа фатална вечер. Нивните животи згаснаа, а душите и телата на повредените настрадаа, не само поради огнениот вител, туку и поради вителот на долготрајна и институционална неодговорност, рече обвинителот.
