Голем број на домашни и странски медиуми, како и претставници на странски дипломатски мисии и набљудувачи од ОБСЕ, САД и ЕУ присуствуваат на денешниот старт на процесот за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Рочиштата ќе се одржуваат во судницата на КПУ Идризово, под засилени безбедносни мерки и присуство на медицински тим.

Трагедијата се случи на 16 март годинава, а загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени. Обвинителниот акт беше поднесен на 13 јуни, а Кривичниот суд го одобри на 3 октомври. Случајот опфаќа 38 обвинети – 35 физички и три правни лица кои се товарат за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив има сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинителството е застапувано од тим од 15 јавни обвинители. Постапката ќе се одвива со темпо од две рочишта неделно.

Според истрагата, трагедијата е резултат на долгогодишни пропусти и свесно игнорирање на безбедносните процедури од повеќе институции и поединци. Објектот „Пулс“ работел незаконски од 2012 година, без минимално-технички услови и со реконструкции без дозволи. Обвинетите се товарат дека не спровеле инспекциски надзор, издавале лиценци спротивно на закон, дозволувале влез на малолетници и преполнетост на капацитетот, а на критичната вечер биле употребени пиротехнички средства без дозвола, што директно довело до пожарот. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола.
На прес-конференцијата што се одржа на 16 јуни, јавниот обвинител Љупчо Коцевски нагласи дека секоја институција имала законска можност да го спречи или намали ризикот, но пропустите се надоврзувале и резултирале со катастрофални последици.
– Секоја од овие алки имала моќ и законски надлежности да ја спречи трагедијата или да го намали потенцијалот на истата во однос на загубата на животи, но никој тоа не го направил, нагласи Коцевски.
Родителите и блиските на жртвите, организираа „Марш на ангелите“ кој започна веднаш по трагедијата како меморијален и протестен чин. Од тогаш, маршевите се одржуваа редовно – секоја сабота во Кочани, а неколку пати и во Скопје пред институциите, со пораки за правда и одговорност. Последниот голем собир беше на 15 ноември во Скопје, непосредно пред почетокот на судењето, со учество на илјадници граѓани кои побараа правда, транспарентност и целосно расчистување на случајот.
