Накит вреден неколку десетици милиони евра и брошот на Наполеон Бонапарта, запленет по Битката кај Ватерло, ќе бидат понудени на аукција следната недела по повод Женевската недела на луксуз.
На продажбата во Сотби, закажана за 12 ноември, ќе биде вклучен и дијамантски брош што му припаѓал на Наполеон Бонапарта и бил запленет од пруската војска на рамнините на Ватерло.
Овој скапоцен камен, чија вредност се проценува помеѓу 130.000 и 220.000 евра, e дел од личните предмети што тој морал да ги остави зад себе за време на бегството од британските и пруските војници на крајот од познатата битка.
Кружниот брош, со дијаметар од околу 45 милиметри, има голем овален дијамант од 13,04 карати во центарот, опкружен со речиси стотина стари дијаманти со различни форми и големини, распоредени во два концентрични реда.
Ова уникатно парче е направено за Наполеон околу 1810 година, „веројатно за да го украси неговиот шешир во посебни пригоди“, според аукциската куќа.
Брошот потоа, заедно со други предмети, е подарен на прускиот крал Фредерик Вилхелм III како воен трофеј на 21 јуни 1815 година, само три дена по Битката кај Ватерло.
