Последен ден од изборната кампања за градоначалници за вториот круг од локалните избори

Од:

Завршува двонеделната кампања за вториот круг од Локалните избори 2025 коишто ќе се одржат в недела на 2 ноември. На полноќ почнува молкот кој трае до недела до 19 часот.

Во вториот круг за градоначалници ќе се гласа во 32 општини и во Градот Скопје, а ќе се прегласува за членови на Совет на три избирачки места во општината Шуто Оризари. На полноќ почнува молкот кој трае до недела до 19 часот. Во сабота во општините каде што ќе има втор круг за градоначалници вообичаено први ќе гласаат болните и изнемоштените, затворениците и лицата во домашен притвор чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ синоќа во Скопје го одржа завршниот митинг, а обраќања имаа премиерот и претседател на владејачката партија Христијан Мицкоски и кандидатот за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Мицкоски рече дека во првиот круг скопјани испратија порака, „а во вториот круг победата ќе ја направиме историска – не само заради успехот, туку и заради почетокот кој таа ќе го означи“. Побара граѓаните да се обединат и да ги надминат поделбите по секаква основа.

Ѓорѓиевски ги повика граѓаните на главниот град в недела масовно да излезат да гласаат и да испратат порака дека Скопје избира работа и човек кој знае, умее и им покажал како се сака својот град.

За денеска Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија најави мини митинг со обраќање на премиерот Мицкоски, кандидатот за градоначалник на Град Скопје Ѓорѓиевски и кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ.

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица Амар Мециновиќ најави завршна прес-конференција пред гласањето в недела.

Во Градот Скопје право на глас в недела имаат 474 304 гласачи кои треба да се изјаснат за кандидатот Орце Ѓорѓиевски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Амар Мециновиќ од Левица.

Во скопски Карпош противкандидати се актуелниот градоначалник Стевче Јакимовски и кандидатот поддржан од владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски. Според Избирачки список, таму право на глас имаат 56 856 избирачи. Во Аеродором во вториот круг противкандидати се Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ и Александар Трајановски, а право на глас имаат 68 772 избирачи. Во Центар ќе се гласа за Мирослав Лабудовиќ од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, и Горан Герасимовски од СДСМ, а право на глас имаат 44 109 избирачи. Противкандидати во вториот круг од Локалните избори во Шуто Оризари се Ерџан Демир поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, и Курто Дудуш од Унија на Ромите. Таму, според Избирачки список, гласаат 23 893 избирачи.

Втор круг на гласање на 2 ноември ќе има и во Боговиње, каде во вториот круг на изборите се Бесник Емши од НАИ и Фети Абази од Влен. Право на глас во оваа општина имаат 29 088 избирачи.

Во Брвеница во изборна трка за градоначалник се влезени Хаќим Рамадани од Влен и Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ. Таму гласаат 16 150 избирачи.

Во Општина Валандово ќе се гласа за Перо Костадинов од Коалицијата локални избори 2025 СДСМ и Ѓоко Камчев од Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ, а во Избирачки список се запишани 9 846 избирачи.

Во Виница за Гоце Милевски од СДСМ и Митко Костадиновски од Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ ќе може да гласаат 17 060 гласачи запишани во Избирачкиот список.

Во Дебар во недела ќе се гласа за Фисник Меља од Коалицијата ВЛЕН и Рамадан Имери од Група избирачи. Во Избирачкиот список се запишани 19 763 гласачи.

Во Општина Дебрца противкандидати се Златко Силјановски од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Зоран Ногачески од Група избирачи, а право на глас имаат 3 937 избирачи.

Во Демир Капија ќе се гласа за Лазар Петров од Коалицијата поддржана СДСМ и за Борчо Коцев од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Таму гласаат 3 186 избирачи.

Во Кичево, каде што во Избирачкиот список се запишани 51 016 гласачи, „изборната битка“ ја водат Фатмир Дехари од НАИ и Александар Јовановски од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во Конче ќе се гласа за Благој Илиев од Коалицијата предводена од СДСМ и Златко Ристов од ВМРО-ДПМНЕ. Таму гласаат 2716 гласачи.

Во Кочани во изборната трка се Влатко Грозданов од поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и Венко Кртевски од Група избирачи. Тука, право на глас имаат 32 503 гласачи.

Во Општина Крушево – за Томе Христовски од Коалицијата локални избори 2025 СДСМ и Нико Чонески од Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ право на глас имаат 7 774 гласачи.

Во Општина Куманово94 041 гласачи ќе можат да изберат помеѓу Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и Горан Стојковски-Диро од Група избирачи.

Во Општина Лозово во трка за градоначалничкото место се Ацо Велковски од Коалицијата локални избори 2025 СДСМ и Бошко Цветковски од Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ. На Избирачкиот список има запишано 1 905 гласачи.

Во Општина Македонска Каменица кандидати во вториот круг се Соња Стаменкова од Коалицијата локални избори 2025 СДСМ и Димчо Атанасоски од Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ за кои ќе можат да гласаат 6 650 гласачи.

Во Општина Македонски Брод кандидати за градоначалници се Жарко Ристески од Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ и независниот Милосим Војнески, кој се откажа од гласањето на вториот круг од изборите. Во Могила кандидати за градоначалници се Драганчо Саботковски од Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ и независниот Сашо Пивковски, кој исто така се повлече од вториот круг на изборите. И покрај тоа, за двете општини, како што посочија од ДИК се печатеа избирачки ливчиња и постапката продолжи односно треба да има гласање.

Во Општина Неготино двајцата кандидати се Петар Мантев од Коалицијата локални избори 2025 СДСМ и Марија Нацева од Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ. На Избирачкиот список се запишани 15 920 гласачи.

Во Општина Пробиштип – 12 251 гласачи ќе бираат помеѓу Драган Атанасов од Коалицијата локални избори 2025 СДСМ и Тони Тоневски од Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ.

Во Општина Ранковце – Даниел Крстевски од Коалицијата локални избори 2025 СДСМ и Даниел Павловски од Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ ќе се обидат да ги добијат гласовите од 2 921 гласач.

Во Општина Росоман ќе се гласа за Стојан Николов од Коалицијата локални избори 2025 СДСМ и Ѓорѓи Крстевски од Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ. На Избирачкиот список се запишани 3 297 гласачи.

Во Општина Струга ќе се води градоначалничката трка помеѓу Арсим Даљипи од НАИ и Менди Ќура од Група избирачи, каде што се запишани 62 711 гласачи.

Во Општина Студеничани – Ејуп Абази од НАИ и Азем Садики од Група избирачи ќе се борат за гласовите на 17 946 гласачи од Избирачкиот список.

Во Општина Тетово ќе се гласа помеѓу Бајрам Реџепи од НАИ и Биљал Касами од Коалицијата Вреди. Тука право на глас имаат 87 878 гласачи.

Во Општина Чешиново Облешево – Горанчо Крстев од Коалицијата локални избори 2025 СДСМ и Јорданче Костадинов од Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ ќе се обидат да ја освојат довербата на 5 068 гласачи.

Во Општина Чучер Сандево ќе се гласа помеѓу Сашко Комненовиќ од Коалицијата локални избори 2025 СДСМ и Зоран Бајовски од Коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ. Тука, право на глас имаат 8 854 гласачи.

Во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово на 2 ноември нема да има гласање бидејќи во првиот круг од локалните избори немаше доволен граѓани кои излегле да гласаат. Во овие општини ќе има нова постапка за избор на градоначалници која ќе почне по завршувањето на локалните избори, односно по објавувањето на конечните резултати од локалните избори.

Во првиот круг од локалните избори беа избрани советници во 79 општини и Градот Скопје, а беа избрани градоначалници во 44 општини, кои веќе ги добија решенијата и ги преземаа новите функции.

Би можело да ве интересира

Кондарко: Да се почитува изборниот молк, граѓаните да можат слободно да го остварат правото на глас

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за изборни повреди на 2 ноември

Интегра со поддршка за Орце Ѓорѓиевски во вториот круг

Предраг Петровиќ

Во недела ќе гласаат 1.013.375 граѓани, за гласање пријавени се и 4.826 болни лица

Горан Наумовски

Вилдерс без мнозинство, Јетен бара стабилност – Холандија се соочува со сложени преговори за влада

Герасимовски најави дом за стари лица, зголемување на еднократна парична помош од 2.500 на 5.000 денари за пензионерите